„Дон Жуан“ од Молиер во режија на Андреј Цветановски во продукција на Народно позориште Вршац влезе во селекцијата на 72. Фестивал на професионални театри на Војводина, како една од претставите која ја обележаа театарската продукција во Војводина за оваа сезона, според селекторката на овогодинешното издание на фестивалот, познатата театарска критичарка Александра Гловацки.
Овој фестивал заедно со Стеријно позорје се двата најголеми и најзначајни фестивали во Србија.
„Што се крие позади тоа силно освојување и нечуствителност кон сопствените жртви е основната сфера на интерес на македонскиот режисер кој што е автор на адаптацијата. Во високо естетизираната постановка, со подеднакво драмски и комичен набој во актерскиот ансамбл, ова читање отвара широк простор за преиспитување на односот на главниот лик со својот татко, и со тоа давајќи му трагични размери. Вршачкиот Дон Жуан не донесува само ново читање на класиката, туку со минимални додатоци на текстот, а без уништување на основното ткиво, дава нова посложена драмска предлошка“ пишува во извешајот на селекторката. Во селекцијата на овој фестивал се влезени значајни режисери од театарската сцена во Србија и на Балканот, како Харис Пашовиќ, Кокан Малденовиќ, Милан Нешковиќ и други.
Најновата премиера на режисерот Андреј Цветановски беше изведена во Вршац, минатата сабота, во театарот „Стерија“. „Преку амалгамот на слики и авантури и во контраст со неговиот верен слуга Зганарел и се што е во главата на главниот лик, добиваме трагикомедија на ликот и дејствијата на Дон Жуан“, посочува Цветановски, кој беше следен во режисерската идеја од Сергеј Светозарев, сценографот, музиката е на Димитар Андоновски, Софија Лучиќ е костимограф, а дизајнот на светло е на Радомир Стаменковиќ.
В. Д. директорката на театарот Снежана Удицки за претставата истакна дека ќе ги надмине очекувањата на театарската публика во Вршац и пошироко во сите домени, нагласувајќи дека „амбициите во моментов се насочени кон тоа овој театар да стане еден од најдобрите во земјата, но и пошироко“.
Претстава каква театарот во Вршац можеби немал со децении. Интересно читање на режисерот кој бара од каде доаѓа потеклото на природата на вечниот заводник низ односот со неговиот татко. Целата техничка опрема што ја доби Вршац блесна во цел сјај за оваа претстава, сценографијата на Сергеј Светозарев беше сведена, но многу практична и функционална за дејствието, и одлично вкомпонирана музика која е дело на Димитар
Андоновски и мислам дека оваа претстава ќе биде важна не само за Вршац, туку и за цела Србија за оваа година“ – Радио Београд, Јелена Периќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.