Два настани вечерва ќе може да проследи публиката на Охридско лето со почеток во 21 часот. Во Центарот за култура „Григор Прличев“ ќе се случи премиерата на „Рацин“, според Кочо Рацин, во режија на Дејан Пројковски, а продукција на театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ од Велес. Драматург е Сашо Димоски, улогите ги толкуваат: Васил Зафирчев, Исидор Јованоски, Кети Борисовска, Весна Димитровска-Бобевски, Јордан Витанов, Слободанка Чичевска, Талија Настова, Благојчо Стојанов, Славица Манаскова, Орхидеја Дукова, Кристина Зафирова, Илин Јовановски, Леонида Гулевска, Тодор Стојковски, Бранко Михајлоски, Илина Чонкова.

Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимографијата – на Раде Василев и Елена Вангеловска. Музиката е дело на Сашко Костов.

Претставата „Рацин“ нема за цел да ги прикаже фактите онакви какви што историјата ги пренесла, а културата ги кодирала во себе, целта е тие да се обојат со автентичен рефлектор, да се фрли светлина врз митологизираниот Рацин, да се деконструира, да се демитологизира и да се дадат неколку возможни одговори на прашањето: Што нам денес ни значи Рацин? Претставата е повеќе рефлексија отколку нарација, повеќе фрагмент отколку целина, повеќе антитеза отколку теза – Рацин од денес, тргнат кон секое возможно утре.

Во истиот час во Света Софија, камерниот оркестар на МММ „Саша Николовски-Ѓумар“, ќе одржи концерт, под диригентство на Иван Еминовиќ. Како солисти ќе настапат Енис Аљи, виолончело и Симеон Гошев, виолина.

Роден во Скопје, во 2010 година дипломира со концерт во чест на проф. Коста Трпков, истовремено здобивајќи се со наградата на фондацијата „Томислав Зографски“ како најдобар студент на одделите за диригирање, композиција, музикологија и музичка теорија и педагогија. Во 2012 година магистрира со почести на истиот оддел, со операта „Рита“ од Гаетано Доницети. Како пијанист одржал бројни концерти низ Македонија и странство и добитник е на повеќе државни и меѓународни награди и признанија. Во јули 2018 година диригира со Сараевската филхармонија по повод отворањето на фестивалот „Башчаршиски ноќи“ во Сараево. Во неговото диригентско портфолио се вбројуваат повеќе продукции на Националната опера и балет меѓу кои: „Травијата“, „Набуко“, „Дамата со камелии“, „Кармина Бурана“, „Севилски бербер“, „Кавалерија Рустикана“, „Жизел“, „Риголето“, „Евгениј Онегин“, „Адриана Лекуврер“, „Дон Џовани“, „Турандот“, „Реквием“ од Моцарт, како и многу други концерти.

Енис Аљи е роден во Скопје. Учествува на државни и меѓународни натпревари во Македонија, Албанија, Косово, Црна Гора и Србија и Франција каде што бил наградуван со први и специјални награди. По завршувањето на средното образование, ги продолжува студиите на Академијата за уметности во Тирана, Албанија, под менторство на проф. Дорина Ларо, а мастер студиите исто така ги завршува со највисока оцена на истата академија со истоимениот професор. Учествувал и свирел на повеќе семинари земајќи препораки од реномирани виолончелисти како што се: Анси Картунен, Анатоли Крастев, Карел Брендерхорст, Астрит Селита, Јоана Сахрин, Диего Суарез Фернандез и др. Како оркестарски музичар соработува со значајни диригенти и солисти. Настапува како водач со ансамбли како што се Албанската филхармонија (Албанија) „Ансамбл XXI” (Финска), Музичка младина на Македонија (МММ), ансамблот „АРКО”, гудачкиот оркестар на Скадар „Скендербег”, гудачкиот оркестар „Таденус”. Дел е од состави како што се: гудачките оркестри „Профундис” и „Ајга”, оркестарот „Young Musicians European Orchestra” (Италија) како и националните институции на Филхармонија и Опера и Балет во Македонија и Албанија

Симеон Гошев, роден е во 2003 година во семејство на музичари и со музиката е во контакт од најраното детството. Во октомври 2022 година, тој започнува со студии на Музичката академија во Љубљана во класата на проф. Јанез Подлеска и асист. Ана Должан. Низ годините има освоено награди на многу меѓународни и државни натпревари. Во 2022 година ја добива наградата на „Фондацијата Илија Николовски-Луј“ за високи достигнувања во текот на школувањето, а во 2024 година освојува златна плакета и специјална награда за најдобра изведба на дело од словенечки автор на натпреварот „Темсиг“. Посетува семинари и мастер класи кај реномирани професори како: Благоја Димчевски, Пачалин Павачи, Емилио Перцан, Сихана Бадивуку, Вонџи Ким-Озим, Роберт Лакатош, Марко Симовиќ, Владимир Марковиќ, Галина Којчева, Петра Ковачич, Дан Жу,… Има одржано многу рецитали низ повеќе градови во земјава, а годинава (2024), одржа рецитал и во Љубљана во рамките на циклусот на Музичката академија „Соло е да камера“. Свирел како солист со оркестарот на Филхармонија на Р.Македонија и оркестарот на ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“. Член е и прва виолина на квартетот „Лаит“ и горд член е на камерниот оркестар на Музичка младина на Македонија „Саша Николовски-Ѓумар“, со кој има соработувано на многу проекти. Како хонорарен соработник свири во Словенечката филхармонија, Љубљанската опера и балет и нашата Филхармонија.

Камерниот оркестар на МММ постои 38 години и е основан како прв сегмент на Летниот музички камп на МММ во Охрид во 1986 година. Повеќе од 400 млади музичари биле дел од овој уникатен состав, а диригенти и уметнички раководители на оркестарот биле: Ф. Муратовски, Г. Коруновски, С. Николовски-Ѓумар, В. Николовски-Ѓумар, М. Спасов, Б. Цанев, А. Ремерајт, Б. Чадловска, О. Кондратенко, Миша Кац, Џанлука Мартиненги, Елена Митревска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.