Филмот „Детето во светот“, посветен на поетот, патописец, документарист и новинар Љубе Цветановски, е поставен на Јутјуб за десетгодишнината од неговата смрт. Режисер на филмот е неговиот син Гоце Цветановски.
Филмот се фокусира на неговите сеќавања и на патувањата во над 20 егзотични земји, од каде што ја збогати македонската ризница со бројни репортажи.
„Добар документарен филм е оној кој личи на игран филм, а добар игран филм е оној кој личи на документарен фим“, говореше Љубе Цветановски.
Цветановски е роден во демирхисарското село Слоештица во 1949. Дипломирал на Филолошкиот факултет во Скопје, а магистрирал на Институтот за литература при УКИМ на тема „Народната култура во документарниот филм”. Бил новинар во Македонското радио и долгогодишен уредник, а во еден мандат и директор на Македонската телевизија. Во последните четири години од животот бил професор по документарен филм на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА.
Бил член на Друштвото на писатели на Македонија и на Сојузот на новинари на Македонија. Автор е на книгите поезија „Време е да се биде дома”, „Наталожен сомнеж” и „Престапна година”. Заедно со својот брат Јордан Плевнеш го напиша сценариото за играниот филм „Тајната книга”, во режија на Владо Цветановски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.