Среќен сум што во Театар Комедија најдоа некаква кореспонденција со денешното време во мојот дамнешен текст, кој на прв поглед е нешто сосема поинакво од времето кога е создаден. Ова мало парче го напишав во време кога во Европа паѓаа последните диктатури, заедно со мојата бесмислена желба да ги контролирам луѓето, вели словенечкиот писател и драматург Драго Јанчар по чиј текст „Деменјќи го Годо“ во Театар Комедија се подготува премиера на 12 декември.

Станува збор за прва копродукциска соработка помеѓу Турскиот театар од Скопје и Театар Комедија, на која се работеше речиси три месеци. Претставата ќе биде прикажана на малата сцена на Театар Комедија (20 часот).

Режисерка на „Демнејќи го Годо“ е Сибел Авдиу, а во претставата играат: Жаклина Стевковска-Дрнасин, Едмонд Сотир, Сузан Акбелге, Селпин Ќерим и Џенап Самет. Сценографијата ја изработи Луиџи Бејта, костимите се дело на Ивана Каранфиловска, кореограф на претставата е Александра Кочовска-Начева, а автор на музика е Аљбин Сопа.

Бекетовата апсурдност на постоењето во мојот скромен одговор е сведена на двајца сиромашни луѓе, кои се изгубени во просторот и времето во својот „бизнис“. Во тоа време, никогаш не можев да замислам дека во новата дигитална ера овој надзор на сите нас ќе стане бескрајно поинтензивен, дека ќе дојде време кога сите ќе бидеме изложени на надзор на Големиот брат на новата технологија на секој момент. Затоа моето возвраќање до Годо може и денес да остане како малку комично и малку трагично предупредување за апсурдноста на секое надгледување над животот, кое одново и одново бега од тој надзор на илјада иронични начини, додава Јанчар.

Со „Демнејќи го Годо“, Јанчар ќе се претстави третпат пред македонската театарска публика, откако претходно, во 1986 и во 1990 година, во Македонскиот народен театар во Скопје и Народниот театар во Прилеп беше поставен текстот „Големиот брилијантен валцер“.

„Демнејќи го Годо“ е четврта премиера на Театар Комедија во 2023 година. Оваа година, Театар Комедија ќе ја затвори со уште една премиера, „Череп во Конемара“ од Мартин Мекдона, а во режија на Јане Спасиќ. „Череп во Конемара“ ќе биде јубилејна, 40-та претстава на Театар Комедија од неговото основање во 2011 година.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.