Македонски режисер Дејан Пројковски, кој стана познат во регионот по спектакуларните претстави, во Новосадскиот театар го постави и Шекспировиот „Ричард Трети“, кој својата премиера ја имаше на 11 април, а веќе се најавени и нови изведби. Интересно е што оваа историска драма е поставена на сцената на новосадскиот театар по повеќе од еден век, откако првата и последна премиера ја имаше во далечната 1912 година.
Насловната улога во претставата ја толкува Арпад Месарош, а играат и Габриела Црнковиќ, Ливиа Банка, Атила Немет…, како и Олга Панго, која беше задолжена за сценското движење во претставата. Сценографијата е на Валентин и Сергеј Светозарев, а музиката на Горан Трајкоски.
По изведбата на претставата, следеше и позитивна театарска критика:
Новосадскиот театар и режисерот Дејан Пројковски успеаја да ја потврдат хипотезата и реално да докажат дека Вилијам Шекспир е навистина наш вечен современик. Фантастичните уметнички светови на македонската режија, сценографијата и изворната музика, повторно се судрија со актерите на Новосадскиот театар, што произведе нова ренесанса во уметноста на сцената…“ и „Долго време по громогласниот аплауз за театарските уметници, публиката на ‘Ричард Трети’ ќе остане нема и скаменета од злобата во луѓето, од нејзината циклична природа, од нејзиниот незапирлив концепт. Уште долго време нема да може да се ослободи од ужасната мисла дека ‘Ричард Трети’ решил да биде таков по своја волја. И кога стравот во нас ќе стивне, во трен повторно ќе не маѓепса повторно фасцинацијата со раскошната театарска уметност на која имавме чест да присуствуваме.
Пројковски на публиката на Новосадскиот театар и е познат по изведбата на претставата „Ана Каренина“ од 2019 година, која е на редовниот репертоар на овој театар, а има освоено дури осумнаесет награди на различни фестивали во земјата и странство.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.