Вчеравечер, 14 февруари (среда), во книжарницата „Литература.мк“ на улица „Македонија“ се одржа промоцијата на дебитантскиот роман на Андреа Мирческа, насловен како „Девојката што ја наслика смртта“. Настанот е дел од фестивалот „Денови на литературата“, чиј фокус годинава е на книги за возрасни од домашни автори.

За книгата „Девојката што ја наслика смртта“ зборуваше уредничката Татјана Димовска-Атанасова, која истакна дека ова е исклучително возбудлив и непредвидлив психолошки трилер со примеси на романса, мистерија и драма. Деветнаесетгодишната Јулија го напушта родниот Охрид и заминува на студии на Академијата за уметности во Загреб. Се вљубува во студентот на архитектура Адам, но на површина испливуваат мрачни тајни од нејзиното комплексното минато што силно ја разнишуваат нивната романса. Предавства, сексуално малтретирање, убиства, нарушено ментално здравје, загуби… се само дел од низата предизвици со кои се соочуваат таа и другите ликови во овој роман.

Додека бев на факултет, за време на мојот стаж на Психијатрија, не ме интересираа само менталните болести на пациентите, туку кои се тие навистина, со и без нивната болест. Каков е нивниот живот и што ги прави тоа што се? Пред сè, сакав да дознам: дали може вистински да се сака личност со ментална болест? Сепак, на одделението за психијатрија беа хоспитализирани пациенти со сериозни ментални растројства, чија личност е расцепкана и треба да се состави. Главниот лик на мојот роман, Јулија, е токму таква личност, иако често не е свесна за тоа. Впрочем, главната идеја за книгата настана кога се обидов да си го одговорам прашањето: како би изгледала сродната душа на Јулија? Така настана Адам, а сè што следуваше е историја, истакна за своето првенче авторката Андреа Мирческа.

Една од пораките што резонира при читањето на овој роман, а во контекст на менталното здравје, истакна Димовска-Атанасова, е фактот дека сите имаме лузни, болки, внатрешни демони, превирања… Ако нашето тело и нашата душа се сликарски платна, нечии бои се светли, нечии темни, но тоа не нè прави помалку вредни за сакање и прифаќање.

Андреа Мирческа е доктор со голема пасија за раскажување. Иако со заднина во медицината, нејзината љубов кон пишаниот збор е водечка сила во нејзиниот живот. Како ненаситен читател, таа црпи инспирација од различните светови и ликови кои се наоѓаат меѓу страниците на нејзините омилени книги. Кога не е задлабочена во медицината или во некоја добра книга, Андреа сака да патува. Нејзините авантури ја поттикнуваат нејзината креативност, обезбедувајќи свежи перспективи и искуства што често се влеваат во нејзиното пишување.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.