Дебатното кино Контра кадар од Битола во периодот што следи слави два јубилеи – 10 години постоење и 200 проекции.

Контра кадар е независна културна иницијатива која организира општествено ангажирани настани со филмски проекции проследени со дискусии. Целта на дебатното кино е поголема вклученост на граѓаните во општествените процеси преку креирање јавен дебатен простор, децентрализација на културата, организирање на граѓаните преку заедничка дискусија и соработка за влијание во носењето на одлуките кои нè засегаат сите, враќање на навиките за користење на јавни институции, промовирање критичко-ангажирана култура и создавање на солидарност помеѓу групите и идна поддршка на иницијативи.

 

Група ентузијаст(к)и од Битола на кои им недостигаше простор за делување во градот решаваат да преземат нешто во врска со тоа. Идејата и желбата стануваат реалност во 2013 година со првата проекција во МКЦ – Битола, а потоа главно продолжуваат во Центарот за култура – Битола.

 

Низ годините, Контра кадар гостувале во други градови како Демир Хисар и Прилеп, и на фестивали како Д-фестивал, Дојран; Слободна зона, Виница; Филозофски филмски фестивал, Скопје; Акто, Битола; Slow Food Macedonia и др. Иницијативата која започна од Битола беше инспирација и за млади луѓе од Куманово и Скопје кои ја проширија истата идеја и во своите градови.

 

Едни од главните амблеми на Контра кадар се тоа што во најголем дел од постоењето, програмата и преведувањето на филмовите се прават волонтерски, бесплатно се користат јавните простори каде што се одржуваат проекциите и се нуди бесплатен влез за сите посетители. Во рамки на иницијативата Контра кадар постои и библиотека која започнува во 2017 година и работи на принципот остави-земи.

 

Програмата на јубилејот стартува на 15 март во НУ Центар за култура, Битола со првата проекција на тема вештачка интелигенција, а продолжува на 24 март со проекција на тема ретки болести; на 1 април следува тема психотерапија, на 6 април зборуваме за предизвиците на феминизмот денес, додека последната проекција од овој роденденски циклус ја посветуваме на кратки анимирани филмови на Дарко Марковиќ (Дар-Мар) на 7 април, по која ќе имаме и роденденска журка.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.