Во Центарот за култура во Општина Ѓорче Петров се одржа седмото издание и официјално доделување на наградите „Антево слово“ кои се дел од меѓународната поетска манифестација „Анџело Ла Векија“ („Il Parnaso – Concorso di Poesia – Premio Angelo La Vecchia“) за најдобра поетска творба во чест на великанот на македонската поезија, Анте Поповски.

Присутните ги поздрави Митко Гогов од „Контекст-Струмица“ и синот на академик Анте Поповски, Жорж Поповски.

На конкурсот и доделување на наградата „Антево слово“, со свои дела се пријавија повеќе од 100 поети од Македонија и Англија, Албанија, Бугарија, Тунис и Кипар. Македонка Божиновска годинава ја доби првата награда. Втората награда им припадна на Милена Сиљаноска и Александра Спасеска, третата награда ја делат Рекио Фебија од Италија и Антева Темјана, односно Силвана Димитриевска, а наградата за млад автор на годишниот поетски конкурс е за Васја Мицковски.

Пред присутните се обрати и Геро Ла Векија, организаторот на манифестацијата „Анџело Ла Векија“ кој дојде од Италија заедно со семејството за да присуствува на свеченото доделување на наградите. Тој со голем љубов и посветеност зборуваше за поезијата и нејзиното значење за човекот, пренесе поздрави и благодарност од Градоначалникот на Каникати на Сицилија до градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Стојкоски и го заврши обраќањето со зборовите: „Да живее поезијата!“ што присутните го поздравија со громогласен аплауз.

Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски во своето обраќање посветено на македонскиот поет и есеист Анте Поповски низ чија поезија, како што рече, провејува судбината на македонскиот народ низ вековите, но и неговата сегашност и иднина, рече дека е горд  што Општина Ѓорче Петров е домаќин на ваков настан од меѓународен карактер преку кој покажуваме дека се грижиме за одржување на културата на завидно ниво, но и афирмација на македонската поезија.

Посебно ми беше драго, додаде Стојкоски, што токму денес со нас беше и Геро Ла Векија, организаторот на манифестацијата „Анџело Ла Векија“ кој дојде од Италија.

Голема благодарност и до Здружението за развој на култура и заштита на културното наследство „Контекст-Струмица“ затоа што наградата „Антево слово“ е конституирана како дел од оваа меѓународна манифестација која се одржува секоја година во градот Каникати во Сицилија-Италија. Воедно, и прва од ваков вид која се доделува за македонски автор надвор од нашата држава – подвлече градоначалникот на општина Ѓорче Петров.

 

Синоќа беа врачени наградите и за добитниците од изминативе пет години. Лауреати кои се носители на наградата „Антево слово“ се: Томислав Османли, Катица Ќулавкова, Драгана Евтимова, Иван Антоновски, Ива Дамјановски и Виолета Танчева-Златева кои ги прочитаа своите наградени творби.

Освен наградите за авторите, беа доделени благодарници и на личности кои го помогнале „Антево слово“ низ годините. Настанот го водеше Александра Велинова, а преводот на италијански јазик го прежентираше Маја Божиновска.

Сите учесници имаа можност да влезат во конкуренција за двете награди, носечката награда „Анџело Ла Векија“, награда која е именувана по проф. Анџело Ла Векија (Angelo La Vecchia), познат во Сицилија и на територијата на Италија со неговата работа како поет, драмски писател, историчар и професор и наградата „Антево слово“, која се доделува во чест на Анте Поповски, познатиот македонски поет, есеист, препејувач и публицист, велат организаторите.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.