Да живее музиката! Да живее Македонската филхармонија, Да живее Република Македонија, рече вечерва од сцената Симон Трпчески, честитајќи го јубилејот -80 години постоење на Македонската филхармонија и неколку пати се врати на бис.
Тој со оркестарот на Филхармонијата за прв пат настапил на 15 години, реализирал уште неколку заеднички концерти низ годините, а вечерва настапи на роденденскиот концерт насловен „80 години – Љубов“, на кој го изведе „ Концертот за пијано и оркестар во а- мол“ од Едвард Григ.
Македонската филхармонија вечерва со грандиозен настан прослави јубилеј-80 години постоење. Свеченоста по повод јубилејот започна во фоајето на Филхармонија со настап на Академскиот хор „Мирче Ацев“, кој под диригентската палка на Јасмина Ѓорѓеска- Каро ги изведе „Ленка“ од Трајко Прокопиев, Рапсодија 2 и „Македонска хумореска“ од Тодор Скаловски.
Пред концертот, во фоајето можеше да се види изложбата на фотографии, од развојот и најважните мигови во опстојот на Македонската филхармонија, а во салата, публиката имаше можност да погледне кус документарен филм за историјатот на Филхармонија, каде Тодор Скаловски говореше за нејзиното формирање и почетоците, а следуваа и инсерти, искажувања и фотографии од сите оние уметници кои биле дел од историјата на најстарата институција во земјава.
Формирана е на 24 ноември, 1944 година, само 11 дена по ослободувањето на Скопје во домот на композиторот Тодор Скаловски. Духот на слободата бил преточен во музика, во насушна потреба за креирање уметност, култура, идеали и вредности кои претставуваат фундамент на секоја држава.
Ретката можност на сцената со музичарите на Македонската филхармонија да се видат израелскиот диригент Јерухам Шаровски и Симон Трпчески, публиката во салата го поздрави со аплауз и уживаше во премиерната изведба на „Куклици“ од Ана Пандева, по што следуваше изведба на Концерт за пијано и оркестар во а-мол, Оп. 16 од Едвард Григ и Симфонија бр. 1 „Титан“ во Де – дур од Густав Малер.
Меѓу гостите на концертот, покрај претставници на политичкиот и културниот живот на земјава, дипломатскиот кор, беа и директорите на Филхармонијата од Софија и на Симфонискиот оркестар од Солун, пред првиот заеднички настап со нашата Филхармонија, на 17. февруари идната година во салата НДК.
Како најстара институција во земјава, Македонската филхармонија осум децении гради успешна музичка приказна-создава трајни уметнички вредности, едуцира, ја промовира класичната музика на највисоко ниво.
Низа генерации учествувале во креирањето на нејзиното јадро и ја обликуваа во највисок репрезент на симфониското музицирање, а голем дел од нив и вечерва присуствуваа на одбележувањето на јубилејот на својата матична куќа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.