Здржението на џез музичари и слободни уметници (ЗЏМ) апелира да се најде решение во кое никој нема да биде загрозен, ниту Филхармонија, ниту Оркестарот за џез музика.

Ние како Оркестар за џез музика ја покажавме нашата флексибилност со која гарантираме дека работата на Филхармонија нема да биде загрозена од ниту еден аспект и во ниту еден случај. Ве молиме немојте да ни ги кратите крилјата уште на почеток, се вели во писмената реација на ЗЏМ испратена до медиумите за која тие велат дека е последна во низата.

Филхармонија вчера на прес-конференција рекоа дека остануваат на својот став дека две национални установи не можат да функционираат под еден покрив и најавија јавни протести ако Владата не ја промени одлуката за привремено сместување на новоформираниот Оркестар за џез музика во зградата на Филхармонијата. Од Филхармонија велат дека министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска е директно одговорна за настанатиот хаос и не го испочитувала ветувањето дека на првата следна владина седница ќе се поништи одлуката за привремено сместување на ОЏМ во нивниот дом.

ЗЏМ реагира на вчерашната прес-конференција на вработените во Филхармонија.

Ова е наше последно обраќање до јавноста поврзано со настаната ситуација, бидејќи сметаме дека сè е кажано. За жал, малку сме уморни од сево ова, бидејќи овој начин на комуникација не ни е својствен. Наместо да започнеме со нашата концертна и творечка дејност, ние се занимаваме со т.н. спинови, преписки или „рекла – казала“ муабети, вокабулар кој не наликува на академски граѓани или уметници од висок ранг, велат од ЗЏМ.

Во реакцијата до јавноста ЗЏМ пишува дека сакале да истакнат неколку поенти од кои онаа, можеби најбитната, е таа дека во Скопје, во моментов, постојат две концертни сали кои одговараат на изведувачкиот концертен карактер на нашиот оркестар. Тоа се МОБ и Филхармонија.

До оној момент додека не се појави нова концертна сала, ние ќе мора некаде да ги одржуваме нашите проби и концерти. Уште еднаш сакаме да потенцираме дека со нашата работа нема да се наруши комодитетот на било кој од вработените во Филхармонија. Најважно од сè е, тоа што ние сè уште не добивме ниту еден релевантен аргумент дека нашето евентуално работење во зградата ќе го попречи работењето на оркестарот на Филхармонија, се вели во ракцијата.

Според нив, дезинформацијата „7 години ЗЏМ во Филхармонија “ е извадена од контекст.

Ние во неколку наврати кажавме дека ние како биг бенд работиме 7 години. Можеби е направен лапсус во броењето на календарските години, но ако изброите календарски од 2017 до 2023 има 7 години, земајќи во предвид дека отварањето на зградата е во мај 2017 година. Ние се извинуваме доколку „украдовме“ некој месец во нашата неумесна пресметка, но првиот концерт на биг бендот во соработка со Филхармонија, во истата зграда, се случи на 12.12 2017 година, концертот насловен “Baby It’s Cold Outside“ . За сите други искази од пресот, сметаме дека нема потреба да се коментираат, бидејќи се потполно ирелевантни.  За крај, ги повикуваме сите засегнати од оваа т.н. „Национална културна мело-драма “, да се однесуваат достоинствено, колегијално, солидарно, да ги согледаме фактите и да се соочиме со реалната состојба, до изнаоѓање на конечно решение, како што впрочем и стои во одлуката на Министерството за култура. Животот е прекраток за да ни минува во чудесни расправии и исправање превртени разговори и неосновани размислувања, се вели во писмената реакција на ЗЏМ.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.