ИЗЛОЖБА НА СТРИПОВИ ОД СЕДУМ АВТОРИ Иванка Апостолова, Гаја Смилевска, Матеј Богдановски, Вук Митевски, Иван Ивановски, Ѓорѓе Јовановиќ ќе биде отворена вечерва во Галеријата на МКЦ. Изложбата ќе трае до 16 јуни.

Се велеше дека ги расипува децата, дека е залудна забава, дека нема уметничка вредност. Стрипот помина долг пат до уметничка/теоретска/академска афирмација: историјата на уметноста го негираше, теоретичарите и универзитетските институции го омаловажуваа, галериите го избегнуваа…

Појавувајќи се првично на маргините на весниците како средство за масовна комуникација, комбинирајќи текст и слика, стрипот често се позиционираше меѓу издаваштвото, медиумите, литературата, филмот, сликарството и дизајнот од една страна, и меѓу весниците, академските институции и контракултурните движења од друга страна. Во еден навидум едноставен исказ, кој претежно комбинира текст и слика, комбинира или одвојува визуелна и вербална нарација, производствен ред или авторска бескомпромисност, со можности за продукција од евтин самиздат до луксузни албуми, стрипот може да се сфати буквално како материјализација на визуелната култура.

Набљудувајќи го стрипот не само како визуелен, туку и како општествен факт, преку оваа изложба настојуваме да го прошириме погледот на можните начини на презентирање и промовирање на стриповите, притоа отворајќи простор за дискусија за продукцијата, пред сѐ на некомерцијалните, авторски стрипови. Токму авторскиот стрип се позиционираше како составен дел на визуелната култура и воопшто на културната продукција, па затоа треба да продолжи да се афирмира и да се подига неговата свест не само за уметничките, туку и за комуникациските и едукативните потенцијали. Освен неспорниот формален, уметнички квалитет на цртежот, колажот или фотографијата, стрипот се гледа првенствено како исклучително убедлив збир на визуелни и вербални знаци, кои својата магична привлечност ја должат на начинот на кој ја раскажуваат приказната, велат организаторите.

Изложбата прикажува стрипови на седум автори од повеќе генерации, со особен фокус на нивните стрип-дела работени по мотивите на современи македонски писатели или во комплетно авторство (цртеж и текст) на авторите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.