Co ликовната работилница за деца „Летаме заедно“ што ќе ја води илустраторката Наташа Андонова, денеска во Младинскиот културен центар во Скопје почнува последниот ден од 6. Меѓународен литературен фестивал „Литера“.

Во 12 часот ќе се одржи работилницата „Си беше еднаш“ со илустраторката Наталија Лукомскa, а за 13 часот е закажана промоција и работилница за едиција „Неуредните“ – Мависол Јенер (Бата прес). Потоа е предвидено потпишување книги и средба со писатели, а во 14 часот ќе бидат доделени наградите на „Литера 2024“ со што ќе биде затворен фестивалот.

На „Литера“ вчера работилница за студенти и илустратори одржа турскиот илустратор Мурат Калкаван. Тој ги претстави своите илустрации и анимации, а студентите се интересираа за начинот како ги креира ликовите, колку време му треба да заврши одреден проект и слично. Во фоајето на МКЦ беше промовирана сликовницата „Здраво, јас сум Досада“ на авторката Гаје Г. Оздамар, и илустраторката Шејда Унал, од Турција.

Покровител на настанот е македонското Министерство за култура.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.