Националната установа Центар за култура „Бели мугри“ од Кочани и годинава влезе во програмата за инвестиции на Министерството за култура, од каде доби 15 милиони денари за довршување на реконструкцијата на внатрешноста.
Со финсиската поддршка целосно ќе се обнови сценскиот простор и опремата во големата сала, а ќе се заменат и електричната инсталација и затоплувањето.

Се очекува градежните работи да завршат до крајот на оваа година, со што објектот повторно ќе биде ставен во функција. Според проектот, досегашното затоплување за кое се користеше јаглен, ќе се замени со топлотни пумпи, а целосно ќе биде обновена електриката, машинскиот дел и столовите во салата. Реконструкцијата на озвучувањето и осветлувањето на сцената е предвидено за идната година, истакна в.д. директорката на НУЦК „Бели мугри“, Ана Поп Михаилова.

Пред реконструкцијата на внатрешноста, вo 2020 година целосно беше обновена фасадата на објектот, за што од Министерството за култура беа добиени околу 14 милиони денари.

Од НУЦК „Бели мугри“ истакнаа дека за програма за работа за оваа година се обезбедени над 1,2 милиони денари, што е зголемување за четири пати. Со средствата ќе се реализираат девет проекти во областа на визуелните уметности, архитектура и дизајн, по три проекти во драмската, музичката и библиотечната, а два проекта се во сценско-музичката дејност.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.