Со настапот на актерите од Општинскиот театар од Ќустендил, Бугарија на последната фестивалска вечер на Меѓународниот театарски фестивал „Свети Јоаким Осоговски“ во Крива Паланка беше затворено годинашното издание на фестивалот што во изминатите девет дена ја полнеше салата на Центарот за култура во „Градот на културата“.
Гостите од Бугарија настапија со хит-комедијата „Боинг Боинг“ што ја расположи публиката со актуелните комични и непредвидливи ситуации на интриги и атрактивни „стјуардеси“.
16-то издание на Меѓународниот театарски фестивал „Св. Јоаким Осоговски“ ќе остане запаметено по богатата фестивалска програма од повеќе македонски театри: МНТ, Драмски театар – Скопје, НТ НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово, НТ при НУЦК „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ – Велес, како и театрите од Балканот: ГТ „Јоза Ивакиќ“, Винковци, Хрватска, НТ „Серија“, Вршац и уметничка работилница „Призор“, Белград и Драган Маца Маринковиќ, Република Србија и Општински театар, Ќустендил, Република Бугарија.
Признанието лауреат на годинашното издание му беше дозволено на познатиот македонски актер Никола Ристановски, а во рамки на фестивалската програма беше промовирана и монографијата на Гоце Ристовски, „Со театар до Балкан без граници“ посветена на 15 години театар во Крива Паланка.
Организаторите, Општина Крива Паланка и Здружението на меѓународниот театарски фестивал велат дека публиката секоја година е сѐ побројна и со нетрпение го очекува секое ново театарско издание.
Фестивалот е дел од манифестацијата „Крива Паланка – Град на културата 2024“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.