Буџетот на Агенцијата за филм не е скратен, ниту во овој предлог на прераспределба на средства што во овој момент се наоѓа во Собрание, ниту по кој било друг основ, истакна денеска министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска.

На прес-конференцијата во Владата во одговор на новинарско прашање за наводниот предлог за кратење на буџетот за филмска дејност во тековната година, посочи дека на денешната средба со филмаџиите им објаснила оти имаат многу погрешни информации.

Она што се случува кога ќе навлеземе во процес на прераспределба, односно по основ на реализација на одредени ставки во буџетот, се замрзнуваат одредени средства што не се реализирани. Тоа не значи дека тие парите ги немаат. Сите пари им се на сметка. Тие имаат премала реализација на сопствената сметка затоа што до сега Агенцијата за филм нема испратено ниту еден план за исплата до Министерството за култура. Првиот план во последните два месеци е испратен на 14 септември, ден кога јас бев на службен пат и кога не дозволив да се потпише никаков документ во мое отсуство, рече Костадиновска Стојчевска.

Во однос на буџетската сметка на филмаџиите, како што рече, им остануваат уште 10 до 13 милиони денари за искористување.

Ова значи дека буџетската сметка што Министерството за култура и Министерството за финансии има право да ја гледа и менаџира им е достапна во целост и 90 отсто е искористена. Посебната сметка е сметка што само директорот на Агенцијата за филм има право да ја користи, да исплаќа планови според неа и да прави план за реализација. Токму затоа што на таа посебна сметка на која што нема доволна реализација, одредени средства во овој момент не можат да ги видат бидејќи додека трае расправата за прераспределбата во Собрание, тие стојат како сметка на страна. Реализацијата на таа сметка им е помала од 30 отсто, рече министерката.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.