Вечерва програмата на МОТ 2023 продолжува со „Браќа Карамазови“ на Загребскиот театар на младите во режија на Оливер Фрлиќ.

Наградуваниот режисер со бројни ангажмани во странство, по 9 години се враќа во ЗТМ (Загребачко казалиште младих) со современа обработка на рускиот класик, Браќа Карамазови, која е во форма на двојна претстава.

Ако публиката гледа само еден дел од претставата, ќе добие заокружена, но делумна приказна. Може да ги гледаат и двата дела и да добијат целосна слика од оваа комплексна линија на дејството поради која овој роман се смета за најцеловитото дело на Достоевски.

Двојноста најдобро е прикажана преку огледалноста на одредени ликови и нивните меѓусебни односи, но и преку сценографските и костимографските решенија, а и кастингот, со кој некои актери играат повеќе ликови, кои меѓусебно се надополнуваат.

Иако досегашните сценски адаптации се држеа подалеку од односот на Аљоша и момчињата од пониските социјални слоеви, во обработката на Фрљиќ тој добива еднакво внимание како и главната линија за браќата Карамазови и нивниот татко.

Претставата ќе биде изведена во Националната опера и балет со почеток во 19.00 часот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.