Оркестарот на Филхармонија вечерва ќе го одржи концертот „Бојата на басот“ на кој како солист на контрабас ќе настапи Ѓорѓи Цинциевски, а диригент е Сашо Татарчевски. На програмата се дела од Стравински, Рота, како и од македонската композиторка Дарија Андовска.
Композицијата „FairVent“ – за гудачки оркестар, перкусии и фиксен медиум, од македонската композиторка Дарија Андовска, е напишана како нарачка за проектот „B Matinee“ на „No Borders Orchestra“ во кој свират најдобрите музичари од Балканот. Посветена е на овој оркестар и на Премил Петровиќ, диригент и уметнички раководител на оркестарот, кој живее и работи во Берлин.
Според композиторката Дарија Андовска, звучно оваа комбинација е многу блиска со англискиот збор Fervent, кој означува поседување или покажување страстен интензитет.
Архитектониката и драматургијата на композицијата се поврзани со првенствена хаотичност која преоѓа во катарза и чувство за еднаквост со светот и со универзумот (или Бог) – јас сум сите и сите се јас, јас сум сѐ и сѐ е јас. Едно, посочува Андовска.
Дарија Андовска (1979) е композиторка на оркестарска, камерна, солистичка, вокална музика, музика за филм, театар и танц, како и на мултимедијални проекти. Нејзините дела се изведувани на бројни домашни и светски фестивали, почнувајќи од нашата држава, Бугарија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Швајцарија, Италија, Германија, Грузија, Франција, Белгија, Англија, Ирска, Данска, Шведска, Норвешка, Украина, Азербејџан, Австрија, Албанија, Русија, Мексико, Канада, Полска, Романија, Ерменија, Турција, САД, а наградувана е како една од најзначајните композитори од помладата генерација во Европа и од Балканот.
Ѓорѓи Цинциевски ги завршува студиите во Државното музичко училиште „Илија Николовски-Луј“, во класата на професорот Благој Маротов. Во 2000 г. тој ги продолжува студиите на престижната висока музичка школа – Royal Northern College of Music, во Манчестер, Велика Британија, со што се стекнува со диплома за завршени додипломски и постдипломски студии со одличен успех, во класата на професорот Јиржи Худец.
Учествувал на повеќе престижни фестивали низ целиот свет. И покрај своите работни обврски како водач на секцијата за контрабас во Малтешката филхармонија, Цинциевски е активен солист и продолжува со образовната дејност; тој има одржано многубројни семинари, работилници и предавања во Велика Британија, Кина, Германија, Тајланд, Латвија, Куба, Сицилија, Полска и Малта.
Нино Рота (1911 – 1979) е италијански композитор, познат, пред сѐ, по својата музика за филм. Студирал на Универзитетот во Милано, а потоа продолжил да се усовршува и на институтот „Кртис“ во Филаделфија.Се смета за еден од најзначајните композитори во италијанската кинематографија за која напишал неверојатни 157 филмски партитури, меѓу кои и музиката за првите два дела на „Кум“ на Копола, „Долче Вита“ на Фелини…
Сашо Татарчевски е роден во Битола каде завршува основно и средно музичко образование. Дипломира и магистрира на ФМУ во Скопје, на катедрите за хорско и оркестарско диригирање, а посетува и мајсторски курсеви во Њујорк, Рим, Москва, Берлин, Фиренца, Санкт Петербург и Сартеано.
Настапувал со различни ансамбли вклучувајќи ги Македонската филхармонија, Оркестарот на МОБ, Симфонискиот оркестар на ИКО – Рим, Симфонискиот оркестар на Ермитаж од Санкт Петербург, Битолскиот камерен оркестар, Битолската опера, Симфонискиот оркестар на Битолско културно лето, Солисти на ФМУ, Симфонискиот оркестар на ФМУ, ансамблите за современа музика „Алеа“ и „КонТемпора“, Мандолинскиот оркестар при МКЦ и други камерни и симфониски состави. Во моментов работи како професор на ФМУ по група предмети од областа на диригирањето и е диригент на симфонискиот оркестар и мешаниот хор „Драган Шуплевски“, како и уметнички раководител на Женскиот младински хор при МКЦ и професионалниот мешан хор „Про Арс“.
Игор Стравински е руски композитор кој со својата музика засекогаш го измени звучниот пејзаж во 20 век. Тој е клучна фигура во музиката на 20 век, еден од најоригиналните творци во историјата на музиката, најмодерниот модернист, како што го нарекуваат историчарите. Соработувал со Пикасо, бил инспирација за низа композитори од Булез до Тавенер.„Жар птица“ е ултимативна руска бајка во која излегува на површина специфичниот композиторски дух на овој руски автор. Во „Жар птица“ Стравински е бруталист во начинот на кој ја третира музичката структура. Станува збор за возбудливо дело во кое се преточени неговиот автентичен стил типичен за периодот во кој е создадено.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.