Драмската програма на фестивалот „Охридско лето“ продолжува на 22 јули, на сцената „Долни Сарај“, каде што од 19:30 часот, Народниот театар – Битола премиерно ќе ја изведе претставата „Галеб“ од А.П.Чехов, во режија на Багријана Попов.

– Во оваа претстава, ја истражуваме улогата на езерото и на животната средина во корелација со животите на луѓето. Галебот прикажува една еколошка средина во која езерото, човечките односи, љубовта, животот и дивиот свет се меѓусебно поврзани и кревки. Млад човек живее покрај езеро, во провинции, изолиран. Тој сонува да биде уметник. Младата жена во која е вљубен, сонува да биде актерка. Неговата мајка е позната актерка. Нејзиниот љубовник е познат писател. Оваа прекрасна, нежна претстава нè води во светот на уметноста, љубовта, сонот за слава и болната реалност на животот – посочува режисерката Попов.

Како што потсетува таа, Чехов ја нарекол претставата комедија, но последниот момент е трагичен, со загубата на младиот Костја.

– Претставата ги наметнува прашањата: Како може да се избегне оваа загуба? Можеме ли подобро да се грижиме за луѓето и за природата? Со актерите од Битолскиот театар, го носиме галебот овде и сега, со езерото како централен карактер, суптилно влијаејќи на односите што се одвиваат околу него. Волшебната претстава на Чехов е љубовно писмо за животот, носејќи ја нашата свест до кршливост и потреба за грижа – додава таа.

Улогите во претставата ги толкуваат: Јулијана Мирчевска, Илија Волчевски, Огнен Дранговски, Катерина Аневска-Дранговска, Васко Мавровски, Соња Ошавкова, Леонида Гулевска, Александар Димитровски, Живко Борисовски, Валентин Дамчевски и Дарко Велкоски. Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимографијата е на Благој Мицевски, а музиката ја напиша Александар Димовски.

Багријана Попов е наградувана театарска режисерка, драматург и актер. Соработувала со признати актери во Австралија и во Европа. Нејзината верзија на „Чичко Вања“ од Чехов, во продукција со „Ла Мама“, беше изведена со големи пофалби на фестивалот во Аделаида, во 2019 година. Багријана покажува длабок и траен интерес за драмите на Антон Чехов и ги има адаптирано и режирано неговите четири главни драми. Театарската адаптација на „Вишновата градина“, на „Прогрес и меланхолија“, освои три награди, меѓу кои и наградата за најдобра режија. Таа предава и режира во повеќе институции во Австралија, вклучувајќи ги западноавстралиската Академија за применети уметности, колеџот за уметности „Викторија“, Универзитетот во Тасманија, Универзитетот „Ла Троб“, Универзитетот „Чарлс Стурт“.

Претставата не е наменета за лица под 16-годишна возраст.

Фотографии: Диоген Хаџи-Коста Милевски



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.