Битола е избрана да биде домаќин на 13. издание Фестивалот на краткометражни филмови „Балканс Бијонд Бордерс” (Balkans Beyond Borders) кој повеќе од една деценија функционира како тематски фестивал на краток филм, а секоја година се одржува во различен европски град, со посебен фокус на Југоисточна Европа. Под мотото „Одлепување на мозаикот” од 19 до 22 октомври, 56 кратки филмови, фото маратон, неколку работилници и богата Офф програма ќе се случуваат во Центарот за култура во Битола. Седиштето на фестивалот е во Атина.

Причината зошто оваа година се одлучивме за насловот „Одлепување на мозаикот” е затоа што ние гледаме дека има потреба да се разбере кои сме ние и кои се луѓето околу нас. И ние не сакаме да имаме категории и да им ставаме имиња на луѓето, но треба да разбереме дека сите сме различни. Затоа нашиот мозаик се состои многу различни видови на личности и тука сме да ги претставиме. Фестивалот се состои од сите типови на жанрови: фикција, документарни филмови, анимирани, експериментални кратки филмови и преку овој начин сакаме да имаме комплетна програма на видови на филмови и исто така да го покриеме целосниот балкански регион , рече на прес-конференција Василики Малтасоглу, директорка на фестивалот која е веќе во градот домаќин.

Менувањето на градовите на овој фестивал е со цел да привлекува нова публика и да промовира меѓубалканска соработка. Во своето 12-годишно патување, овој фестивал се има одржано во Белград, Тирана, Атина, Букурешт, Сараево, Солун, Софија, Брисел, Нови Сад, Измир, Приштина.

Среќни сме што Битола е избрана да биде домаќин на овој Интернационален фестивал чие седиште е во Атина, Грција. Ни доаѓаат 43 режисери и уметници кои работат во филмската индустрија кои доаѓаат од различни држави од овој дел на Европа, а благодарение на Министерството за култура и Општина Битола и се разбира локалната поддршка од битолски компании успеавме да го реализираме овој фестивал, рече Милчо Дули од СФЕРА Интернешанал, која е локален партнер на фестивалот.

На пресот беше соопштена деталноста програма и жирито кое ќе го направи изборот на најдобрите филмови во состав Дина Дума, Танасис Неофотистос и Јелена Мишељиќ.

Сите проекции и планирани активности од ОФФ програмата ќе се одвиваат во Центарот за култура, а влезот е бесплатен.

Центарот за култура Битола програмски е насочен кон градењето на млада публика особено во делот на филмската дејност бидејќи нашето кино е дел од европската мрежа на кина – Eurоpa cinemas, така што програмски одлично се вклопува овој фестивал во нашите цели и амбиции. Благодарност до овие три организации кои што не избраа нас да бидеме партнери во организацијата на фестивалот, а Битола заради својата фестивалска историја, а и поврзаност со филмот има и капацитет и одлична публика да застане зад оваа организација, изјави Mенче Хаџи Коста Димевска, стручен соработник за филмска дејност во Центарот за култура.

Balkan Beyond Borders е непрофитна организација од областа на културата, со седиште во Атина, Грција и има за цел градење толерантни, инклузивни и демократски општества, со посебен интерес за проширениот балкански регион. За своите активности, во 2011 година е награден од страна на Европскиот парламент со Младинската награда Карло Велики (Charlemagne Youth Prize) за нивниот фестивал, како и за иницијативите за младинска мобилност и нејзиниот фокус на градење на европската идеја.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.