Новата книга од областа на популарната психологија „Умешност на лутината: мал водич за голема лична моќ“ од м-р Билјана Велковска ќе биде промовирана на 20 октомври (четврток), со почеток во 19.30 часот, во „Литература.мк суперстор“ во „Скопје сити мол“. Промоторки на книгата, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ќе бидат доц. Мирјана Јовановска Стојановска (психолог/психотерапевт и претседател на Комората на психолози на Македонија) и м-р Дора Попова Узуновски (психолог/психотерапевт). Настанот ќе го води уредничката на изданието, Татјана Димовска-Атанасова.

Ова е втора книга на Велковска, по „Психосоматика, емоции што разболуваат и лекуваат“, исто така во издание на „Арс Ламина“.

„Умешност на лутината“ е спој на научна теорија и истражувања, како и на лични искуства. Во фокусот на книгата, според зборовите на авторката, е најмалку разбраната човечка емоција – лутината. Оваа дива емоција, тешка за скротување, може да биде корен на многу наши дисфункционалности, но и извор на нашата лична моќ. Книгата ја дисекцира емоцијата лутина и начините на нејзино изразување – потиснување, задржување на лутината, пасивно-агресивен стил, конструктивна лутина – и посочува како да добиеме најмногу од својата лутина.

Една од рецензентите на книгата, доц. Мирјана Јовановска Стојановска, вели дека „Умешност на лутината“ нè води на мало патување, а првата станица е: лутината.

–Преку примери од секојдневието, книгата ни открива слој по слој од лутината. Откако ќе ја прочитаме сфаќаме дека патувањето со „Умешност на лутината“ било патување во самите нас. Наша е лутината, наш е изборот што ќе правиме со неа. Негирањето на нашата лутина е негирање на себеси. Одењето против својата лутина е одење против самите нас. Да се разбере и да се прифати лутината значи да се разбереме и да се прифатиме себеси. Книгава нè повикува: Принесете ги на олтарот на Вистината своите заблуди, погрешни сфаќања, искривената слика за себеси, тајните, мачнината, самокритиката. „Умешност на лутината“ едноставно и ненаметливо нè повикува на своевидна „револуција“ – вели таа.

Психологот/психотерапевт Дора Попова Узуновски нагласува дека „Умешност на лутината“ е како амалгам од повеќе книги, па му го дава на читателот, без да губи многу време, она најпотребното што би го извлекол за себе од сите тие книги заедно. Практичноста е негова силна страна.
– „Умешноста на лутината“ е ретко дело наменето за пошироката читателска публика, а сепак според својата содржина не спаѓа во класичната комерцијална литература меѓу книгите за самопомош. Впрочем, и не може да спаѓа затоа што обработува „жешка“ тема што со векови е репресирана, неразбрана, неизживеана и нетрансформирана. За да се разбере гласот на лутината, нејзината умешност и конструктивната примена ни се потребни веројатно уште многу милениуми, сè додека човекот не одлучи да се откаже од својот првобитен егоцентризам, кој донесува најразлични неправди, за кои подоцна тешко му е да преземе одговорност. Токму поради тоа, овој водич е особено важен да се има на полицата во секоја домашна библиотека, бидејќи во исто време е пред самото време, но и сосема навремен, имајќи предвид дека е време да се почне еволуција на лутината – се вели во освртот на Попова Узуновски.

Билјана Велковска дипломирала општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, а магистрирала клиничка и советодавна психологија на Меѓународниот славјански универзитет. Во 2019 година ја објави „Психосоматика, емоции што разболуваат и лекуваат“, нејзиното прво дело, плод на повеќегодишно истражување на една многу важна и неправедно занемарена тема: конекцијата помеѓу телото и умот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.