Фолк-пејачката Цветанка Ласкова побарала организаторот да не ги зема 300.000 денари од Министерството за култура со цел организација на концерт.
Партиска припадност никогаш не било и нема да биде критериум на овој конкурс за финансирање на проекти од јавен и национален интерес. Не би сакала да ја коментирам изјавата на госпоѓата Ласкова, но никогаш повеќе ова министерство нема да одлучува по партиски клуч како што беше до пред неколку години. Мојот став е дека секој квалитетен проект за кој што Комисијата ќе одлучи дека е квалитетен треба да се поддржи и никогаш да не се гледа на индивидуалност, на партиска припадност, како што сум сигурна дека тоа комисиите не го правеа, рече Костадиновска-Стојчевска.
Реакции пристигнаа и од издавачкиот сектор, како за поддршка за издавање, така и за преводи и учество на саеми на книга во странство. Со инфлацијата, сумата која ја добиваат издавачите изнесува околу 30 проценти од трошоците.
Во тек е период на поднесување жалби. Ги повикувам сите кои сметаат дека на било кој начин биле обесправени, откако ќе ги добијат своите решенија доколку имаат забелешки по однос на одобрени проекти и сума, да поднесат жалба и комисијата тоа добро ќе го разгледа и ќе одлучи по однос на нивните жалби. Никогаш нема да имаме доволно пари за култура. И доколку цел буџет за култура го искористиме за овие проекти и тоа повторно ќе ни биде малку. Јас сето тоа го разбирам, но оваа година го имаме тој буџет, располагавме со тие одредени сретства и сметам дека комисијата постапи најсоодветно со тој буџет што го имаше да ги распредели сретствата најсоодветно онака како што тие сметаа дека треба да ги поддржат.
Костадиновска- Стојчевска посочи дека тежината на проектот се одредувала според тоа каква апликација е поднесена.
Вкупниот буџет за Годишната програма за поддршка на проекти изнесува 20% од целиот буџет. Буџетот на Министерството за култура е намален во однос на минатата година. 12,6 милиони беа предвидени за програма, 50, 3% за Националните установи и остатокот е за Министерство за култура. Минатата година буџетот беше 4,6 милијарди денари, оваа година тој изнесува 3,799 милиони денари. Тоа е целиот буџет на Министерство за култура и за финансирање на дејностите.
Денеска, пак, организаторите на „ОФ Фест“ се откажаа од организација на овогодишното издание на фестивалот за кој добија нешто над 1 милион денари, со образложение дека парите се недоволни.
Се надевам дека организаторот на ОФ Фест ќе се премисли и ќе ја искористи жалбата како правен механизам да реагира, рече денеска министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска. Секој има право на жалба. Лани имавме долг период на ребаланс на буџетот, два и пол месеци беше во Собрание. Не е точно дека требало да дојде ноември за да легнат средствата. Направив едно мало истражување и во 2019, ОФ Фест добиле 1 милион денари, поднеле жалба, и добиле уште 1 милион денари. Вкупно 2 милиона денари. Правото на жалба секој има право да го користи, онаму каде секој смета дека сумата од икс причини не е таа што треба да ја добијат и треба да добие повеќе, и тоа е право на жалба која почнува да тече 15 дена откако ќе го добијат решението. Бидејќи жалбата се поднесува електронски, се скратува периодот за одговoр на жалбата, кој исто така ќе трае 15 дена, рече министерката на денешниот брифинг со новинарите.
Таа на денешниот брифинг на новинари даде образложение за сите реакции по објавување на резултатите од конкурсите во повеќе културни области. Во таа насока демантираше дека новиот роман на Петар Андоновски, министерството не го поддржало поради освета.
Министерството за култура оваа година одлучи дека неговото дело „Страв од варвари“ треба да се преведе на албански јазик, да се зголеми бројот на публиката. Значи еден проект поддржала, а друг не. Тој е долги години поддржуван од министерството, но овој пат така одлучила комисијата, која немала влијание од мене. Што значи дека не е лична одмазда, дека министерката некаде го слушала и сега му се одмаздува, рече Костадиновска-Стојчевска.
Писатели, како Петар Андоновски, Гордана Михаилова Бошњаковска и Блаже Миневски, до сега добивале и ќе добиваат поддршка од Министерството на конкурсите за литература и издавачката дејност. Комисијата оваа година одлучила дека ќе поддржи еден проект, а нема да поддржи друг и не станува збор за лична одмазда, рече на денешниот брифинг министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, по реакцијата на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) во однос на нефинансирањето на некои автори и нивните најнови дела.
Во однос на реакцијата на фолкористот Марко Китевски за недобивање поддршка за издание на одбрани патриотски песни, министерката рече дека оваа година имаме многу голем јубилеј -120 години Илинден и тој е поддржан и со изданија и со многу други проекти.
Доколку овој ракопис Комисијата одлучила да не го поддржи, не значи дека 120 години Илинден ние ќе го пропуштиме. Напротив, ќе го одбележиме како што доликува, додаде министерката.
Изминатиот период имаше најмногу реакции во однос на конкурсот за финансирање проекти од музичкиот и издавачкиот сектор.
Костадиновска-Стојчевска потенцираше дека се до објавувањето на Конкурсот, не се знаеја претседателите на комисиите што ги разгледуваа пристигнатите пријави по одделни дејности и дека тие се објавени заедно со резултатите, за да се избегнат интервенции и притисоци.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.