Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ вечерва, на 12 август (петок) организира дружба за загревање за тринаесеттиот „МакеДокс“ во дворот на Музејот на современата уметност (МСУ) – Скопје.

На програмата има „размрдување“ со Нино Flooder, музички дел што почнува во 18 часот, и специјална проекција на документарниот филм „Рене“ (Чешка / 2008 / 83’) на режисерката Хелена Тшештикова, која е почесен гостин на овогодинешнето издание на „МакеДокс“.

Проекцијата е планирана за 21 часот, а влезот е бесплатен.

Животот на Рене бил следен од камерата уште од 17-годишна возраст. Камерата го следела неговото безнадежно патување помеѓу затворот и надворешниот свет. Во 2008 година филмот завршува, оставајќи го Рене како болен 37-годишник кој е автор на две издадени книги и кој сè уште има проблеми со законот. Режисерката Хелена Тшештикова го документира личниот развој на Рене наспроти значајните политички промени кои се случуваат во Централна Европа.

Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ во своето 13-то издание ќе се одржи од 18 до 25 август во Скопје. Фестивалската програма ќе се прикажува на четири локации, и тоа во Куршумли-ан, плато на Музеј на Македонија пред Куршумли-ан, МКЦ и „Europe House Скопје“.

Фестивалските билети можат да се набават онлајн преку продажната мрежа на мк.тикетс (www.mktickets.mk). Целовечерен билет за проекциите во Куршумли-ан чини 200 денари, а билет за втората проекција во Куршумли-ан чини 150 денари. Единечен билет за проекциите на платото на Музеј на Македонија може да се набави по цена од 100 денари. Билетите за церемонијата на отворање на 18 август и церемонијата на доделување награди на 24 август се со цена од 300 денари. Единечен билет за проекциите во МКЦ е 50 денари, а за деца под 10 години билетите се бесплатни.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.