Оркестарот на Филхармонија вечер ќе го одржи концертот „Банда“, на кој ќе бидат изведени дела од Гинастера, Лобос, Пјацола и Гершвин. Диригент е маестро Емил Табаков од Бугарија, а како солистка ќе настапи македонската флејтистка Илинка Велкова.

Концертот е поддржан од Културно-информативниот центар на Република Бугарија во Скопје.

Алберто Гинастера (1916-1983) е еден од најзначајните аргентински композитори и латиноамерикански музичари на 20 век. Неговиот балет „Естанција“ е едно од делата кои се н аоѓаат на самиот врв од неговото творештво и многу често е составен дел од репертоарот на светските симфониски оркестри. На почетокот од својот творечки опус, Гинастера пишувал музика во која ги спојувал елементите на аргентинскиот фолклор со тековите на современата музичка техника, но подоцна се свртел кон додекафонската музика. „Да се компонира, значи да се создаде архитектура. Во музиката, оваа архитектура се одвива во времето“, изјавил Гинастера.

„Бразилски Бахијани“ се серија од девет суити од бразилскиот композитор Хектор Вила-Лобос, напишани за различен инструментариум и глас во периодот меѓу 1930 и 1945 година. Тие претставуваат фузија меѓу бразилската фолклорна и популарна музика со опусот и стилот препознатлив за Јохан Себастијан Бах. Во нив Вила-Лобос прави интересен спој меѓу барокната хармонија и контрапункт со типичниот звук на бразилската музика. Најголем дел од ставовите во суитите имаат и „баховски“ и бразилски наслови – „Прелудиум“, „Фуга“ или „Embolada“, „O canto da nossa terra“.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.