На 10 декември 2022 со почеток во 20.00 часот на големата сцена на Националната опера и балет ќе се изведе балетската претстава во два чина „Дон Кихот“ од  Лудвиг Минкус, во кореографија на Виктор Јаременко од Украина. Диригент на претставата е Иван Еминовиќ. Сценограф е Андреј Злобин, додека под костимографијата се потпишува Гана Ипатиева од Украина.

За првпат во улогите на Китри и Базил ќе настапат Христина Наќевска  и Балаж Лочеи (Унгарија).  Во улогата на Еспадо ќе настапи Бобан Ковачевски, а во улогата на Улична, Ивана Коцевска. Настапуваат солисти, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет заедно со деца од балетскиот оддел на ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“.

„Дон Кихот“ е волшебна приказна за ветерници, „совршената“ жена и вистинската љубов. Балетското дело е поставено на музиката на Минкус со експресивно темпо кое резултира со познатото „Дон Кихот па де де“, кој дава акцент на целата претстава.

Kомпозиторот и виолинист  Лудвиг Минкус (1826-1917) напишал неколку популарни балети, а речиси сите од нив, а особено балетот „Дон Кихот“ и денес се изведувани низ целиот свет. „Дон Кихот“ е балет  базиран на познатиот истоимен роман од Мигел де Сервантес.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.