Азното се чува во мали ковчежиња, некаде во долапите. Така и оваа музика која Никола Стојковски и неговите соработници која со години се обидуваат да ја исправат на нозе, да стои простум, рече музичкиот новинар Љупчо Јолевски, на промоцијата на петтиот албум на „ФИН Проџект оркестра“ на која беше прославена и 10-годишното творештво на „ФИН Проџект“.

Зад овој музички проект стои Никола Стојковски, кој на претходните албуми соработуваше со Калина Велковска, Александар Николовски, Горан Трајковски, Васко Атанасоски, Влатко Георгиев, Ненад Стефаноски, Зарина Првасевда и други. Стојковски ја заокружува својата десетгодишна работа со албум со оркестарски аранжмани, подготвени од Јован Јовановски, Сенад Усеин и Билјана Петровска.

Јолевски на промоцијата рече дека верува оти оваа приказна ќе потрае уште малку подолго затоа што во овие луѓе навистина има музика.

Имаат потреба да проговорат на сопствениот музички јазик и од себе да ги истераат сите оние убави нешта кои ќе продолжат да лебдат во ова време на изместени нешта. Во време во кое нам, убавото ни е многу потребно. Во оваа музика мене најмногу ми се допаѓа нашиот, македонскиот бит, неговата потреба да комуницира со сите музики и да се издигне над сето она што претставува обичност, да биде музика во вистинската смисла на зборот. Затоа не ме чуди што во оваа музика ќе го препознате ехото на македонскиот музички јазик, на луѓето кои ја продолжуваат таа приказна, нашата самосвест, ритми, музички јазик. Треба да останеме верници на мислата дека убавото ќе го победи грдото, бидејќи ако оваа мисла не нè води, ќе се изгубиме, рече Јолевски на промоцијата.

Љулчо Јолевски и Никола Стојковски на промоцијата. Фото: Фејсбук

Авторот и продуцент Стојковски кажа дека сите кои се вклучени во музичката приказна се бескрајно вљубени во музиката и во традиционалниот звук.

Ќе продолжиме да создаваме и понатаму, додека имаме години за тоа. Неизмерната љубов кон традиционалните вредности и традиционлниот македонски звук резултираа со еден спој кој мене како автор ме инспирираа да ја направам таа фузија од музика, современа електорнска музика која ја работев во тоа време со луѓе, инструменталисти и вокалисти кои го имаа тој сензибилитет да ги направиме првите два албуми, рече Стојковски.

фото: Фејсбук

„ФИН Проџект“ досега ги објави албумите „Битови и Орнаменти / Во Македонија“, „Едно е Сонцето“, „Ре:Визија“, „Време. Живот. Слобода“. На петиот албум, низ седум музички нумери и стихови од неколку великани на македонскиот пишан збор, како Ацо Шопов, Марко Цепенков, Радован Павловски, Горан Трајкоски. Овој албум промовира култура, уметност, еднаквост и слобода, ставајќи акцент на традиционалните културни вредности.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.