Една од најочекуваните книги оваа година, автобиографијата на принцот Хари, „Резерва“, излезе од печат на македонски јазик, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Мемоарите на војводата од Сасекс за кратко време по објавувањето на почетокот на оваа година станаа еден од најбараните наслови.

Според Гинисовата книга на рекорди, „Резерва“, на денот на нејзиното излегување во печат, станала најбрзо продаваната книга од областа на нефикцијата на сите времиња. Книгата е бестселер на „Њујорк тајмс“ и доби генерално позитивни оценки од книжевните критичари. Досега е преведена на повеќе од 15 јазици, меѓу кои и на македонски.

Во книгата, принцот Хари открива детали од неговото детство и длабокиот ефект од смртта на неговата мајка, Дијана, принцезата од Велс, како и неговите проблематични тинејџерски години и последователното распоредување во Авганистан со британската армија. Пишува за односот со неговиот брат, принцот Вилијам, и неговиот татко, кралот Чарлс Трети, и бракот на татко му со Камила Паркер Боулс, како и за неговото додворување и бракот со американската актерка Меган Маркл, сè до повлекување на двојката од нивната кралски улоги.

Во неа, по првпат, Хари ја раскажува неговата приказна со сурова и непоколеблива искреност. Оваа исклучителна книга ни дава увид во откровенијата, самоиспитувањето и тешко стекнатата мудрост за вечната моќ на љубовта над тагата.

Една од највпечатливите фотографии на 20 век е таа со две момчиња, двајца принцови, кои чекорат зад ковчегот на нивната мајка додека светот гледа со тага – и со ужас. Додека траеше погребот на принцезата Дијана, милијарди луѓе се прашуваа што мислат и што чувствуваат принцот Вилијам и принцот Хари – и како ќе се одвиваат нивните животи од тој момент понатаму.
За Хари, ова е конечно таа приказна.

Пред да ја изгуби мајка му, дванаесетгодишниот Хари беше познат како безгрижната и среќна резерва на многу посериозниот наследник. Тагата промени сè.

Се бореше на училиште, се бореше со гневот и осаменоста – и бидејќи го обвини печатот за смртта на неговата мајка, се бореше да го прифати животот во центарот на вниманието.

На 21 година се приклучи на британската армија. Дисциплината му даде структура, двете учества во борбени дејства го направија херој дома. Но, наскоро ќе се почувствува поизгубен од кога и да е, ќе страда од посттрауматски стрес и панични напади. Згора на тоа, не може да ја најде вистинската љубов.

Потоа ја запознава Меган. Светот беше обземен од филмската романса на двојката и се радуваше на нивната бајковита свадба. Но, уште на почетокот, Хари и Меган беа жртви на новинарите, подложни на бранови злоупотреби, расизам и лаги. Гледајќи го страдањето на сопругата, ризиците по нивната безбедност и ментално здравје, Хари не виде друг излез за спречување на трагедијата од историјата што се повторува освен да ја напушти родната земја. Низ вековите, напуштањето на кралското семејство било нешто на кое се осмелиле само неколкумина. Последната која се обиде е всушност неговата мајка…

Книгата првично беше објавена на англиски јазик, на десетти јануари 2023 година, во издание на „Пингвин рандом хаус“. Покрај печатената, има и 15-часовна аудиокнига, во која зборува самиот Хари. Објавувањето беше најавено со голема ПР-кампања, со неколку големи интервјуа на принцот Хари во медиумите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.