Во Кинотека на Македонија во тек е прикажувањето на „Антологијата на српски филм“.Филмовите во овој избор се дел од стоте антологиски наслови снимени од српски режисери во периодот од 1911 до 1999, а кои во 2016-та беа прогласени за национално добро од големо значење. Тие се дел од проектот „VIP Кинотека“ чија цел е да се сочуваат и заштитат филмовите кои ја одбележале српската кинематографија; процесот на дигитална реставрација на српското филмско наследство реализирано во Одделението за дигитализација и дигитална реставрација при архивот на Југословенската Кинотека во Белград.

Југословенската Кинотека, основана во 1949 година, денес спаѓа во петте најзначајни филмски архиви во светот. Покрај богатата збирка филмови од југословенската и српската национална кинематографија, оваа Кинотека располага и со огромен фонд странски филмови, добиени како размена со другите странски архиви, депонирани од физички и правни лица, како и преземени од широката киноприкажувачка мрежа.

Филмот „Венецот на Петрија“ во режија на Срѓан Карановиќ, снимен во 1980 година ќе биде прикажан вечерва во 19 часот во Кинотеката во Скопје. Овој филм според сценариото на Карановиќ и Рајко Грлиќ, е дел од антологијата на српскиот филм што се реализира во Кинотеката месецов. Улогите ги толкуваат: Мирјана Карановиќ, Драган Максимовиќ, Павле Вуисиќ, Марко Николиќ, Оливера Марковиќ

Во малото рударско гратче во Србија ја следиме животната приказна на старицата Петрија, од периодот пред Втората светска војна, воениот и повоениот период. Петрија е неписмена и скромна селанка, а нејзиниот живот трагичен и полн со самотија, тага и разочарувања. Петрија раскажува за нејзините тројца мажи кои ги сакала. Но, дали и тие ја сакале неа? Во улогата на Петрија блеска дебитантката Мирјана Карановиќ, тогаш 23-годишна студентка по глума на белградската Академија за време на реализација на филмот. Истото презиме со режисерот е чиста случајност. Режисерот Карановиќ, како и во неколку претходни и подоцнежни филмови, како косценарист го има својот колега и пријател од прашката академија ФМУ, Рајко Грлиќ, секако еднакво познато име во хрватската и ексјугословенската кинематографија.
Филмот е снимен според истоимениот роман на Драгослав Михајловиќ, автор на неколку исклучителни дела од жанрот на документарната проза. Доследен на веристичкиот стил во овој филм, Карановиќ во екранизацијата ја користи натуршчикот Даринка Живковиќ во ликот на старата Петрија како наратор.

На филмскиот фестивал во Пула „Венецот на Петрија“ се закити со наградата за најдобар филм, а Мирјана Карановиќ беше најдобра актерка.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.