Со театарската претстава „Пеликанот“ од Аугуст Стриндберг, во режија на Теодора Сиљаноска и во изведба театарски уметници од Интернационалниот универзитет Еуропа Прима, на 10 мај, ќе отпочне годишниот настан: „Балканот е срцето на Европа” – Евроинтеграциите на Балканот меѓу реалноста и илузијата.

На настанот, во организација на „Академиа Балканика Еуропеана“, со поддршка на Министерството за култура, и во соработка со Интернационалниот универзитет Еуропа Прима од Скопје со свои изведби и дела, (фотографска изложба, филмска презентации, тетарски претстави и други културни и уметнички перформанси) ќе се претстават повеќе млади уметници од регионот.

„Академиа Балканика Еуропеана“ обединува повеќе значајни творци од областа на културата, науката и уметноста од десет балкански земји, со цел да им овозможи на културната јавност и младите луѓе од регионот да ги откријат темите и предизвиците на уметничкиот и културниот свет во својот оригинален контекст.

Од повеќето содржини на манифестацијата, вреди да се издвојат театарската изведба „Плеј Чехов“, на студентите од класата на проф. Дејан Пројковски и настапот на младите музички уметници од класите на проф. Александар Трајковски и проф. Дарко Мариновски.

Во текот на трите дена во кои што ќе се одвива манифестацијата, ќе бидат оранизирани и мастер клас по фотографија на проф. Елена Бојаџиева-Цвековска, како и мастер-клас по актерска игра од проф. Дејан Пројковски.

Исто така, во рамките на манифестцијата ќе се одржи меѓународна онлајн конференција по наслов: „Балканот е срцето на Европа – Академиа балканика еуропеана – Евроинтеграциите на Балканот меѓу реалноста и илузијата”, на која ќе учествуваат повеќе значајни интелектулци и творци од Македонија и регионот како, проф. Јордан Плевнеш, проф. Александар Прокопиев, проф. Елизабета Шелева, проф. Башким Шеху, проф. Хачиф Мулиќи итн.


Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.