Антолог ја објави книгата „Во понеделник ќе нѐ сакаат “ од Нахат ел ХачмиВо романот е раскажана судбината на една девојка од маварско потекло, ќерка на емигранти од Мароко, која поминува проблематични пубертетски години во строгоконтролирано и претежно муслиманско соседство во предградие близу Барселона за време на 1990-тите години.

Постојаната присила да се покорува на закоравените религиозни правила и на машката доминација, типични за мало мароканско село од каде што доаѓа нејзиното семејство, се судираат со современото шпанско општество во кое живее Наима. Спротивставеноста на културите наспроти потребите и желбите на младата девојка се засилува по средбата и силното пријателство со уште една маварска девојка, која поседува смелост да живее на свој начин. Таа ја поттикнува Наима и самата да се впушти во потрага по сопствената индивидуална слобода.

Нахат Ел Хачми ја води нарацијата непристрасно, прикажувајќи го лицемерието на „демократското“ општество во кое двете другарки ќе треба да се соочат со стереотипите создадени врз основа на полот, потеклото и социјалната класа и поради тоа да платат висока цена.

Во понеделник ќе нè сакаат“ во 2021 година ја добива наградата „Надал“, една од најпрестижните награди за книга напишана на шпански јазик.

Книгата на македонски јазик е објавена со поддршка на програмата Циркулација на европски книжевни дела во склоп на Креативна Европа на Европската Унија – Потпрограма „Култура“.

 Нахат Ел Хачми (2 јули, 1979 година), е шпанска писателка со мароканско потекло. Родена во Мароко, на осумгодишна возраст се преселува со семејството во Каталoнија каде живее и ден денес. Дипломира арапска филологија на Универзитетот во Барселона. Авторка е на голем број наградувани дела во кои што внесува елементи од нејзиниот двоен идентитет и богат женски свет: „И јас сум Каталонка“ (2004), „Последниот патријарх“ (2008, награда Рамон Љуљ за најдобар роман), „Туѓата ќерка“ (2015, награда Сан Хуан), „Тие секогаш зборуваа за нас“ (2019), а во 2021 година ја добива наградата Надал со романот „Во понеделник ќе не сакаат.“ Нејзините романи се многу добро прифатени не само од критиката, туку и од читателската публика, и преведувани на бројни јазици ширум светот.

Лара Прокопиева, преведувачка на романот (1989, Скопје) е дипломиран преведувач и толкувач по италијански и шпански јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Завршила во Средното музичко училиште „Илија Николовски – Луј“. Има магистрирано во областа на културолошките студии во Институтот за македонска литература во Скопје. Живее и работи во Шпанија. Објавила есеи и стручни текстови во повеќе домашни и меѓународни списанија и ја издала книгата есеи „Патувања… Патописи… Книги…“ (2018). Од шпански јазик ги превела книгите: „Разузнавачки извештаи“ од Хорхе Азис, „Свињите“ од Феликс Бруцоне, „Опседнатите“ од Бетина Гонзалес, како и книгата „Шопен: Принцот на Романтизмот“ од Адам Замоски (од англиски јазик).



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.