Актерот на Македонскиот народен театар (МНТ) Јордан Симонов е лауреат на 31. Меѓународен фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“ кој се одржува во Струмица.

Жири-комисијата во состав: Дарја Ризова, Мими Таневска и Иван Додовски, едногласно ја доделија престижната награда за највисоко актерско остварување „Ристо Шишков“ на Симонов за улогата на Павле во претставата „Лагата“ од Флоријан Зелер, во режија на Бесфорт Идризи, а во продукција на Македонскиот народен театар од Скопје.

Како што истакна жири-комисијата, Јордан Симонов, со внимателно избрани актерски средства, успева да оствари моќна и осмислена улога. Тој покажува особено чувство за партнерска игра и вешто го води ликот, кој во себе крие тајни, од привидна наивност до длабока перфидност. Со својата способност за трансформација, Јордан Симонов доминира на сцената, субверзивно поигрувајќи си со очекувањата на публиката, на работ меѓу комичното и неверојатното, меѓу лагата и вистината.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.