Дукe Бојаџиев заедно со неговите гости Бахрамџи – сантур/вокал, Медуса Одисеј – два диџеи/гитара/перкусии, Миријам и Иса – вокал, двајца наратори: Наташа Петровиќ и Амернис Нокшиќи и 20-член оркестар, викендов во Градскиот парк ги изведе своите најнови дела, спој на оркестарска и филмска музика заедно со некои нови модерни инспирации под влијание на неговиот живот во Франција и Шпанија, измешани со традиционалните вибрации од балканска и медитеранска музика заедно со нарација на вечната љубовна поезија на Руми на македонски и албански јазик.

Концертот претставуваше мошне уникатно искуство за прославување на 9 Мај, Денот на Европа, со мултикултурно музичко патување на љубов, мир и единство.

Дуке раскажува дека цели шест месеци траел процесот за подготовка на концертот

Во Ибица живеам од септември минатата година, а соработката со моите гости на концертот се случи спонтано. Наидов на одлични музичари со автентичен звук, глас… а јас секогаш сум отворен за соработка. Ибица навистина ми одговара. Јас сум растен во град, овде во Скопје, па Бостон, Њујорк, урбани центри, а ова е сосема недопрена природа и не очекував дека толку ќе се соживеам со природата. Досега сакав да можам да излезам во град, да пијам кафе, да има луѓе наоколу, но сега веќе сакам сам да си седнам, студиото ми е во природа, се слуша песната на птиците… Во оваа фаза од мојата креативност ова сосема ми одговара. Во претходната фаза, во Њујорк, ќе излезев на улица, ми требаше гужвата, ќе се прошетав и по паузата се враќав да работам. Сега е сосема поинаку, и тоа веројатно си доаѓа со зрелоста, со годините…

Како се прилагодивте на новата средина?

Од три години почнав да свирам клавир, но дека ќе работам музика никогаш не планирав, се до 24-25 години. Бев студент на медицинскиот факултет и одлучив дека ќе го завршам факултетот и потоа ќе се бавам со музика. Тоа беше одлука која ја донесов без да имам план Б. Откако го завршив медицинскиот факултет, заминав во Беркли, каде завршив музичка академија, а потоа дојдов во Њујорк, каде имав можност да работам со цел свет. Таму животот е интензивен, се оформив и како човек и како музичар и откако добив две деца, градот ми стана тесен, дојдов до фаза кога го надраснав сето тоа. Њујорк е сепак школо и кога ќе го завршиш школото и кога ќе научиш се она што можеш да го научиш можеш да продолжиш понатаму. Мене одамна локацијата каде работам не ми е важна, никој не го интересира каде сум, добивам нарачка на имејл адреса и никој не прашува: Каде си во моментов?, туку добивам рок, нарачка и толку. Некако бев зависен од Њујорк, на некој начин сум создал таму инфраструктура, пријатели, се ти е како дома и тешко се одлучуваш на промена, но според мене не е тоа град во кој треба да живееш цел живот. Градот е феноменално искуство, тоа што се учи таму, не се учи никаде.

Од друга страна Европа е неспоредлива, сепак генетски, социјален код имаме европски и се чувствувам покомотно…поблиска ми е културата, храната, менталитетот, квалитетот на живот.

Влијае ли преселбата на работата?

За да работам не ми требаат посебни предуслови. Можам во било кој агол и овде во оваа просторија да седнам, да имам компјутер и да си работам. Локацијата не ми е проблем, ми треба една соба од десет метри квадратни и можам да работам. Само изолација ми е неопходна, за да можам да се изолирам и да сум фокусиран на работата, ама простор не ми е проблем. Лаптопот ми е инструмент, на него пишувам, продуцирам, свирам… Дваесет години работам во движење.

Што значи за Вас сцената?

Сосема друго искуство. Студиската работа те прави изолиран и фокусиран, но и двете ми се подеднакво драги. Во студио сум послободен со креативна моќ, а на сцена е интеракција и тоа има друга емоција, тука има спој со различни стилови, енергии, фрекфенции. Затоа сум и продуцент, продукцијата е тоа да ги одбереш вистинските луѓе да ги споиш и од нив да го извадиш најдоброто што можат да го дадат. Еден музичар може да свири пет инструменти, но мое е да препознам на кој инструмент е најдобар и тоа да го одберам. Но, кога станува збор за концерт, сето тоа се случува во моментот, во живо, и не можеш после тоа да шминкаш… Јас и не правам многу концерти, примарен фокус ми е продукцијата и композицијата, а концерти правам само кога ќе проценам дека настапот има навистина добра причина. Свирам концерти, не свирам тезги. Имам еден-два концерти годишно, но да се памтат. Подобро два да се памтат, отколку дваесет да се заборават.

Сте имале ли некогаш креативен застој?

Досега не. За да имаш креативен застој мислам треба да имаш креативен блок, а за тоа треба да си репресиран, или да правиш некаков компромис во работата, а јас не правам со тоа многу компромис. Кога не правиш компромис тоа има цена и јас си ја плаќам цената. Кога велам компромис мислам да работам нешто што не сакам да го работам, туку од што морам. И кога имало таков случај станувало збор за нешто што не ми тежи толку и ќе го изработам. Мислам дека таму се создаваат креативните блокови кога инсистираш на нешто што не е толку твое. На пример, сега да седнам рок музика да пишувам, сигурно блок ќе имам. Не извира таа музика од мене. Кога работам на филм тоа извира од мене, тоа е најприродното за мене, музика за емоции, за слика…

Имавте ли некаков план за кариерата или оставивте каде ќе Ве одведе патот?

Второто. Никогаш не сум имал некаков прецизен план. Секогаш планот ми бил да ми остане фокусот на тоа што го работам, а тоа каде ќе ме однесе не се знае. Можеби ќе те однесе некаде каде што не ти се допаѓа, па се враќаш на шините. Никогаш не сум имал план, на пример за десет години ќе биде ова и ова. Животот е толку непредвидлив и не може да се планира за подолго. Планирам за следниве два-три месеци и толку. Понекогаш и тоа не е изводливо. Сега планирав само до мај, да се изведе концертот и толку.

Што најмногу Ве инспирира?

Ме инсирираат секакви музичари, од било кој стил. Мојот стил е фјужн и можам да измешам опера со електроника. И овој концерт во Скопје беше експеримент на некој начин. Спој на класична со електронска музика и Бахранџи…но кога ќе го споиш со вкус имаше една целина, една приказна. Морам да кажам дека не е лесно да се пронајдеш што ти е „форте“ , во што си најдобар…Тоа е во тебе, некогаш треба да излезеш од шумата за да го видиш тоа, а ти си внатре и не ти е јасно. Њујорк на пример, е многу компетентна сцена, таму се сите светски композитори, пробував се-и поп, и рок, оркестри, се снаоѓав, но на крај сфатив дека оркестарска, електронска поамбиенатална и филмска музика ми е најдобрата страна. За тоа ми требаше време за да го сфатам, но самата работа те дефинира и те води на правиот пат. Работам 24/7 речиси 25 години и тоа го правам природно. Не се тоа некои болни амбиции, туку сакам да го правам тоа. Тоа е енергетски спонтан процес, не е мисловен процес и едноставно те носи.

Каква музика слушате во слободно време кога не работите?

Во различни периоди различни работи сум слушал. Кога сум во Шпанија најчесто слушам да го наречам „lounch electronika“, како Бахранџи што ја прави електронската музика, нешто во тој стил. Публиката можеше да слушне нешто слично на концертот во Скопје во вториот дел од репертоарот. Сакам и класична музика. Во Шпанија бидејќи доста време поминувам во автомобил, не слушам музика, бидејќи цело време работам со музика и кога ќе завршам со работа не сакам да слушам музика. Но, кога слушам на „Spotify“ постојано наоѓам нешто ново и интересно. Некаде прочитав дека дневно околу 60.000 песни се аплодираат на „Spotify“… Некогаш времето додека возам го користам да си преслушам она што сум сработил, па си ги наоѓам маните.

Дали сте строг кон себе кога станува збор за сработеното?

Да, но зависи. Доколку е авторски проект секогаш можеш да му најдеш мани, но ако е нарачка тогаш немаш избор. Има проекти кои стојат по неколку години, па не сум задоволен, ќе го оставам, па пак ќе се вратам…Има такви, но гледам да ги довршам и некогаш ќе излезе како што мислам, а некогаш гледам да не се заморувам премногу.

Што Ви недостига од Македонија?

Со Македонија сум поврзан, доаѓам тука често и не сум толку далеку за да ми недостига. Кога бев во Америка можеби имаше такви ситуации, а сега ако посакам можам за два часа да дојдам. Морам да признам дека никогаш не сум имал чувство на носталгија, не знам што е тоа носталгија, бидејќи секаде се чувствувам како дома, се чувствувам како граѓанин на планетава и се вклопувам во средината каде живеам. Роден сум во Македонија, Македонец сум, го обожувам фолклорот и често го користам во работата, но секаде се чувствувам како да сум дел од таа глобална култура. Можеби тоа е резултат на фактот што долги години живеам со луѓе од цел свет, имам пријатели во цел свет и тоа придонесува за такво чувство. Кога отидов прв пат во Америка имав антиносталгија – се плашев да не ме вратат назад. Си ја сакам Македонија, секаде ја рекламирам, кажувам дека сум Македонец, носам проекти од надвор овде, и таму ги запознавам со нашата култура, на некој начин сум претставник на македонската култура, ама физички никогаш не сум почувствувал носталгија. Понекогаш можеби ми недостига Трпејца, Охрид генерално…ништо друго. Секогаш ми е драго да го видам.

Сцената на Антички театар во Охрид за секој уметник е предизвик. Дали е таков случајот и кај Вас?

Едвај чекам да се договори некој концерт на Антички театар. Во 2019 година имав концерт на Долни Сарај. Претходно сум имал два концерти на Антички, а во 2019 директорката не ме пушти да настапам таму, веројатно сметаше дека не сум доволно добар. За мене тоа е најубавата сцена, најубавите концерти сум ги имал на Антички, тој амбиент не се споредува со ништо… душава ми се тресе кога свирам таму. Ова лето најверојатно е доцна за такви организации, но можеби следното. Инаку со задоволство секогаш настапувам во Охрид. Охрид ми е најдома. Некои мислат дека сум од Охрид, бидејќи многу го споменувам, иако немам никакво потекло од таму. Едноставно чувстувам некаква кармичка врска со градот. Чувствуавам друга енергија. Уште од дете кога сум одел Во Охрид бев како стаписан од убавината. Трпејца, Свети Наум, Канео… би сакал некогаш да се изолирам на Канео и да си работам скриен од јавноста…има таму неисцрпна инспирација.

Со кои македонски уметници соработувате во последно време?

Последната соработка ми е со Дина Јашари и со Бранко од „Фолтин“. Се поклопија енергиите, инспирацијата…Тоа се спонтани, непланирани соработки. Кон крајот на годинава најверојатно ќе имаме некои концерти со Каролина, дотогаш треба да излезе албумот, таа музика ќе се свири во живо и ќе биде интересно. Тоа се шлагери од пеесетите-шеесеттите години. Тоа време ми е ептен во срце, ми лежи таа музика и креативно.

Всушност џезот Ви е базичен жанр.

Џезот ми е базичен. Ако свирам сам можам да свирам џез. На Беркли завршив џез и многу свирев, но потоа долги години не го слушав и после му се вратив пак.

Каков е процесот на создавање филмска музика? Го гледате ли прво филмот? Имате разговори, консултации или е оставено на Вас творењето?

Нема некој стандард. Зависи кога ќе ти се обратат. Некогаш ќе ти се обратат пред снимање, што е поретко, а некогаш за време на снимање и тоа е најчесто е кога филмот е барем завршен со снимање и има некоја база. Тоа е процес, пишуваш прво музичка скица на филмот, па го гледаат, па одобруваат и даваат сугестии, па втора група на композиции за пак да ја оценат. Долг процес е кој најчесто трае пет-шест месеци, па и подолго, но е забавен процес и мене ми е омилен затоа што нема лимит на стилови. На пример, во филмот „До Балчак“ дејствието се случува 1907 година и музиката мора да има нешто сродно со тоа време, „Уставот на Република Хрватска“ се случува во денешно време и некоја сцена бара електронска музика, некоја бара танго или валер и отвара многу простор за имагинација и инспирација. За среќа сум работел со многу кавлитетни режисери и самите филмови ме инспирирале. Ако видам филм кој не ме инспирира, одбивам да го работам бидејќи нема да направам добра музика ако ја правам без инспирација, без кејф. Имало такви случаи. Најважна е хемијата меѓу режисерот и композиторот да биде добра. Досега сум останал пријател со сите режисери после соработката, се зближуваме низ работата и тоа продолжува. Ако се зближиме и се разбираме, режисерот не мора потоа со музички термини да ми објаснува што сака, едноставно се разбираме. Тоа го прави искуството, а дали ќе се споиме, тоа е природа. Потоа се пишуваат темите, се снимаат оркестри има доста работа, се средува сето тоа, се доработува, па се праќа на миксање…некој сака цел филм со музика…, едноставно тоа е доста долг процес.

Од каде инспирацијата за комбинација на електронска и класична музика на концертот во Скопје?

Прв пат го работев ова на сцена. Шест месеци го планирав како ќе биде, како ќе звучи, сакав да биде успешно, бидејќи концертите се уникатна работа, тоа се слуша само еднаш и никогаш повеќе. Не е исто. Досега студиски сум ги мешал, но во живо досега не сум ги мешал тие два концепти и ова беше супер можност да ги прошарам и да направам еден колаж. Мислам дека беше интересно. На следниот концерт може повеќе би ги споил, сега имаше само две композиции, немав време за повеќе, но за некој следен концерт можеби цел концерт ќе биде комбинација.

Што Ви е полесно да се направи композиција или да напишете текст за некоја песна?

Текстовите ми се случуваат спонтано. Немам премногу песни со текстови. Имам, но не премногу. Текстовите како музиката ми доаѓаат спонтано. Ако се насочам на текстот, тогаш се случува блокот…треба да мислам наменски текст, треба рациото да го разработам за да створам и според мене, тоа е слепа улица. Не можам да ги разделам како различен тип на креативност, во исто поле се. Ќе повторам, не се премногу, но тие што ги имам, сум ги пуштил од душа. Повеќе ми се пасија оркестарски мелодии, инструментални, а дали ќе има текст или не, тоа не го планирам, освен ако не го побараат од мене.

Поезијата на Руми е често присутна на Вашите настапи. Кажете ни нешто повеќе за тоа?

Руми ми е вечна инспирација. Мислам дека нема друга поезија со таква моќ. Иако знам дека постои прекрасна поезија Руми е нешто што уште прв пат кога го прочитав останав без здив. Имав 17-18 години кога прв пат го читав и сеуште го користам на концерти. Се трудам да најдам друга поезија, а да не е Руми, но ништо не ме погодува и пак му се враќам. Во Скопје прекрасно се вклопи во таа молитва за мир која провејуваше низ концертот. Отворен сум и кон друга поезија, но Руми е на прво место, а потоа се друго. Тоа е мое лично чувство, за мојот сензибилитет тоа е врвот.

Какви филмови гледате?

За да гледам некој филм најчесто го правам тоа по препорака на некој, или наменски кога работам. Има случаи кога за нарачката ќе ми напоменат музиката да биде во духот на тие и тие филмови и тогаш ги гледам за да добијам претстава што се бара од мене.

Ја следите ли музиката додека гледате филм? Она што се нарекува професионална деформација.

Секако, но зависи и од филмот, некогаш се внесувам па не и обрнувам внимание. Најголем комплимент на композитор за филмска музика е кога ќе му речат не ја чув музиката, бидејќи музиката треба да биде толку слеана со филмот и зад приказната за гледачот да биде во приказната, а не во музиката. На што ќе личи ако музиката стане посилна од приказната. Најлош комплимет за режисер е да му речат музиката ти беше топ. Може звучи чудно ама така е. Многу специфично е музика за филм. Може да си фантастичен музичар или компзитор, а да не си добар за филмска музика. Тоа е посебен занает, не е исто пишување музика и филмска музика. Друг е пристапот, друг е концептот на пишување.

Која филмска музика Ви оставила впечаток?

Како дете, на 12-13 годишна возраст, можеби тогаш одлучив да се занимавам со филмска музика, го гледав „Беше еднаш во Америка“ за кој музиката ја компонираше Енио Мориконе. Филмот е фасцинантен, бев да го гледам, се сеќавам, во кино „Вардар“ и со отворена уста го гледав, а следниот ден отидов пак и со затворени очи ја слушав само музиката. Тогаш немаше ленти со филмска музика и тоа можеби беше пресвртот кој ми создаде некоја визија дека нема нешто поубаво и дека ако некогаш правам музика тоа ќе биде филмска музика. Генерално Енио Мориконе и Вангелис ми биле пример во периодот додека се оформував, бидејќи нивната музика е безвременска. Сум ги слушал фанатично во тоа време. Тогаш постоеја касети и две години истата лента ја слушав со музика од Вангелис, а подоцна и ЦД со музиката на Мориконе.

Која би била Вашата порака до младите автори? Некои од нив се полни со самодоверба, но некои воопшто ја немаат.

Нема некое правило по кое може човек да се води. Уметничката кариера е дефинитивно ризик, ако сакаш стабилност во животот треба да избереш друга професија, биди доктор, биди научник… Во уметноста апстрактен е и развојот на кариерата. Јас кога завршив медицина толку бев решен да се занимавам со музика сериозно, што кога гледам од оваа перспектива, мислам дека треба малку да си луд и да направиш чекори кои не ги прават другите. Пресеков преку ноќ, решив, направив рез, се спакував, оставив, фамилија, пријатели, куќа, се… Во тоа време немаше скајп, фејсбук, немаше мобилни телефони за да се слушнеш кога ќе посакаш, туку се слушаш еднаш неделно и тоа чини. Уметноста бара радикални чекори, треба да си смел, да си фокусиран и најмногу од се да си вреден. Мора да си самоуверен, но не да си самобендисан. Многу луѓе се самобендисани, а не се самоуверени. Кога си самобендисан, внатре во себе ти не си самоуверен. Самобендсаноста е фасада и не е самодоверба. Ако си вистински самоуверен тогаш си реален. Јас денес работам со Дина, таа е дваесетгодишно девојче, но јас учам од неа, гледам како размислува. Таа можеби нема искуство, но има друг ментален склоп од кој можам да примам нешто ново. Бахранџи има седумдесет години и двајцата взаемно си помагаме, учиме еден од друг. Според мене ако нешто е проблем тоа е самобендисаност зошто тогаш само подлабоко тонеш со таков пристап кон уметноста. Јас низ годините го развивам талентот кон музиката, самоуверен сум дека сум добар, но никогаш не сум покажал надменост кон колеги. За мене колегите се инспирација, а не компетиција. И мислам дека тогаш се оди напред. Кога уметникот ќе има поинаков пристап, тогаш кариерата му паѓа. Тоа сум го видел и кај многу светски музичари професионалци кои биле супер креативни, одеднаш се почуствувале дека се богови во тоа поле и потоа кариерата оди во надолна линија. Човек треба да учи додека е жив и да е секогаш отворен кон нешто ново, бидејќи не можеш секогаш се да знаеш. Секогаш постои подобро и повеќе, а за да си спремен да го примиш тоа треба да си без его. Особено за младите е тешко на почетокот. Средината е сурова, една од причините поради кои си заминав беше и лошото искуство. Не можев да најдам свој човек за да се спојам, туку секој што ќе ми го види талентот се обидува нешто да ми украде и затоа можам да ги разберам младите уметници кои се судираат со тоа. Тие не се подготвени на таква суровост, настанува тотална конфузија и стануваш како тие што те изиграле и губиш креативност. Многу потешкиот пат е да останеш достоен на својата мисија, на својата инспирација, на својата желба, да ги сфатиш тие луѓе како погрешен пат, дека не треба да се приклониш кон тој пат затоа што вредиш повеќе. Тоа е многу тешко за млад човек да го избалансира, но што е лесно во животот. Ако не си подготвен да се бориш во животот се е тешко и се може да е лесно ако го гледаш со мислата: тоа е животот. Подоцна искуството го прави своето. Се судираш со проблеми и тие те обликуваат.

фото: Огнен Ацевски / Татјана Ранташа



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.