Академик Катица Ќулавкова реагира на „хистеричното“ исфрлање од репертоарот на врвни руски композитори, писатели уметници како знак протест кон руската воена агресија во Украина, потенцирајќи дека ни Втора светска војна не се практикувал бојкот на уметноста, културата и спортот.

Ви ја пренесуваме нејзината реакција во целост:

20-от и 21-от век се истетовирани од десетици ужасни војни, воени конфликти, инвазии, диктатури, револуции и режими под знакот на апартхејдот и сегрегацијата. Да ги спомнеме само Балканските војни, Првата и Втората светска војна, војните во Виетнам, Камбоџа и Либан, Авганистан и Ирак, заливските војни, израелско-палестинскиот конфликт, блискоисточните и пост-југословенските војни, арапската пролет, шарените и обоени револуции, Јемен, Украина…

Културното наследство, при тоа, не ретко било предмет на девастација, грабеж и илегална трговија. Ако се исклучи примерот со „табуизирањето на културните остварувања со еврејско потекло во нацистичка Германија, која забранувала изведби на композиции од Ф. Менделсон, курсеви за Хајнрих Хајне или натпревари со спортисти по потекло Евреи“ (Игор Радев), дури ни во II Светска војна не се практикувал бојкот на уметноста, културата и спортот.

Но денес, март 2022 година, по неколкудневната специјална руска воена интервенција во Украина, сиот „прогресивен“ европски и американски свет, па дури и северно-македонскиот, на голема врата ја промовираше бруталната политика на бојкот на уметноста и културата со руски предзнак. Речиси хистерично се забрануваат изведби, промоции, настава, дистрибуција и комуникација на врвни и популарни уметнички дела и ремек-дела, бестселери, театарски претстави, филмови, концерти, автори, композитори, сликари, оперски певци, спортски настани, само затоа што имаат руски предзнак.

Со каква невидена морална и интелектуална леснотија се забранува Достоевски, Чехов, Чајковски, рускиот балет, руската романса…? Тотална декаденција на просветителскиот дух на Европа.

Пред наши очи се одвива оркестрирана примитивна политика која ги поткопува темелите на светското културно, уметничко и духовно наследство. Бојкотот на уметноста претставува грубо кршење на слободата на уметничкиот израз. Забраната на слободниот проток на информации во епоха и цивилизација која парадира со паролата на слободата на говорот претставува груба повреда на бројни универзални и меѓународните конвенции за човековите и колективните права, колапс на идеалот на демократијата.

Колку е перверзно верувањето дека ако нема информација, нема ни трагедија. Со помош на медиумскиот мрак полесно се шират лажни вести, но и глобален говор на омраза.

Европо, да се биде против насилство и терор, значи да се биде против државно насилство и воен терор, но исто така значи да се биде и против насилство и терор врз уметноста, културата, спортот, образованието и медиумите. Конечно, да се биде против насилството значи да се биде против метафизичкото насилство какво што е, на пр., негирањето на легитимните идентитетски и државотворни права на Македонците, Украинците…

Quo vadis, Europa? Се соочуваш ли со мутиран нацизам од транснационален вид?

Малку е да се каже дека загрижува актуелната дестабилизација на мирот во светот. Не е доволно да се каже дека војната не смее да биде начин на решавање на отворените прашања и дека не смеат да страдаат невини луѓе, ни во Украина, ни во Јемен… Малку е, не е доволно да се каже, но треба да се каже. На почетокот бил зборот. Добриот збор. И отворил железни порти.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.