По пауза од 2 години поради пандемијата карневалската магија повторно го зафати Прилеп. Над 500 учесници маскирани во 15-тина групни маски продефилираа пред присутните во центарот на градот. Оваа година нема гости од странство, само од Прилеп и Македонија, но организаторите и учесниците велат дека најважно од се е тоа што се продолжи со вековната традиција за да таа не се изгуби.

„За Прилеп карневалот значи голема традиција и драго ми е што после 3 години, после т.н. пандемијата се врати назад и успешно да продолжи да се организира и во наредните години“, вели еден посетител на карневалот.

„Овој карневал значи многу за Прилеп и Општината бидејќи тоа е негување на културното богатсво, пренесување, промовирање и сето тоа зачувување на нашиот идентите“, рече Снежана Ристеска, советник за култура во Општина Прилеп.

Секако карневалот и маските беа во духот на добропознатиот прилепски мајтап и шега.

„Кој ќе мажи или жени во Прилеп требало да плати арач на Црниот Арап, е сега тука има еден скржав поп кој не сака да плати арач и му дава во натура да му крсти деца и друго, а како кум пак се јавува сега Крали Марко кој ќе видиме дали ќе ја земи невестата на Црниот Арап“, вели еден од учесниците во карневалот.

„Ние подготвивме маска која се нарекува „Кинески змеј“, ја работевме по сугестија на наставничката околу 2 недели“, додаде друг учесник на Карневалот.

Организаторите се надеваат дека идната година Прочка ќе го врати целиот свој стар сјај со голем број гости од странство и повеќе домашни маски.

„Се надеваме дека в година ќе имаме уште поголема масовност, со повеќе членови и меѓународен карактер“, истакна Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп.

„Голем број посетители ќе ги видат овие наши маски кои се навистина добри. Можеби годинава ќе трае пократко, но е сеопфатно, традицијата прилепска ќе се прикаже“, додаде Ванчо Ѓорѓиев, претседател на здружение „Прилепски Мечкари“.

Маските ги оценуваше жири комисија, а за најдобрите имаше обезбедено награди. Карневалот се затвори со концерт на групата „Фолтин“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.