Познатaта македонска поетеса, книжевна теоретичарка, aкадемик Катица Ќулавкова е добитничка на наградата „Браќа Миладиновци“ што се доделува од страна на Струшките вечери на поезијата за најдобра поетска збирка помеѓу две фестивалски изданија.

Ќулавкова е добитничка на наградата за нејзината поетска збирка „Небото ми е дома“ (Духовна поезија) во издание на Струмичка православна епархија. Таа е добитничка по втор пат на ова највисоко признание, откако во 1989 година ја доби наградата „Браќа Миладиновци“ за стихозбирката „Жедби“
Жирито во состав: : Ефтим Клетников (претседател), Весна Ацевска, Глигор Стојковски, Александра Јуруковска и Дарин Ангеловски (членови) после прочитот на сите 53 пристигнати книги направи заедничка селекција и во потесен круг од пет книги влегоа збирките (редоследот е според почетните букви од презимињата на авторите)
1. „Грозје од кукавица“ од Славе Ѓорго Димоски (издание на ПНВ публикации);
2. „Килибар и младост“ од Гордана Михаилова Бошнакоска (издание на Макавеј);
3. „Додека спиеш“ од Биљана Стојановска (издание на Чудна Шума);
4. „50 испеани приказни“ од Александар Русјаков (издание на ТРИ);
5. „Небото ми е дома“ (духовна поезија) од Катица Ќулавкова (издание на Струмичка православна епархија).
Од овие пет поетски збирки, жири- комисијата едногласно донесе одлука наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата за најдобра поетска книга меѓу две изданија на Фестивалот да ѝ биде доделена на книгата „Небото ми е дома“ (духовна поезија) на поетесата Катица Ќулавкова

„…Најновата стихозбирка на Катица Ќулавкова „Небото ми е дома“ се протега во еден специфичен поетски ареал, од авторката определен како простор на духовна поезија, која е заснована на експресивна трансмисија на набожни чувства и мисли во стихови, користејќи притоа низа поетски средства како што се митските слики, симболите, реминисценциите, алегориите, метафорите и метонимиите, па и користење на одломки од најзначајни сакрални интертекстови, поезија која воедно се потпира и на ритамот, алитерации и асонанции и на други јазични игри и фигури кои го зајакнуваат нејзиниот севкупен естетски интензитет. Својот однос спрема духовната поезија Ќулавкова го манифестира во некои свои песни уште од нејзината прва поетска книга „Благовести“, но и во низа други нејзини стихозбирки. Но, овде, во „Небото ми е дома“, станува збор за свесно моделирана концептуална поетичка надградба, за „гледање со душата“, која е во дослух со оној вид поетски говор којшто има „изразен осет за сакралниот ерос“ и копнеж, за возљубеност, карактеристична само за човечкото битие…“
Катица Ќулавкова, поетеса, есеистка, теоретичарка на книжевноста, e редовен член на Македонската академија на науките и уметностите (од 2003), член на Европската академија на науките и уметностите (Салцбург) и потпретседател на Меѓународниот ПЕН. Била универзитетски професор по теорија на книжевноста на државниот универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Има објавено 16 книги поезија на македонски, 18 преводи на нејзината поезија (англиски, француски, турски, италијански, хрватски, романски, португалски, руски, словенечки, бугарски, српски и др.), две збирки куса фикција и една поетска драма, како и над триесет хрестоматии, антологии, критички изданија и др. Има преведено есеи, поезија и книги од француски на македонски јазик (Сафа Фати, Паскал Кињар). Добитник е на најголемите награди за поезија, есеистика и наука во Македонија, вклучително и државната награда за животно дело „11 Октомври“, потоа наградата на Романската асоцијација на писатели и на Албанскиот ПЕН. Од Владата на Република Франција е одликувана со орденот Офицер во Редот на уметноста и книжевноста, се вели во образложението на одлуката на комисијата.

Преостанатите четворица кандидати во потесен избор, според вообичаената пракса, ќе бидат дел од програмата на фестивалот.
Струшките вечери на поезијата оваа година ќе се одржат од 22 до 26 август во своето редовно издание на препознатливите локации.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.