Агенцијата за филм на режисерите Кастриот Авдили, Стојан Вујичиќ и Кристијан Ристески им додели по 28, 26 и 25 милиони денари за новите долгометражни филмови. Агенцијата за филм го објави Конкурсот во втор рок за 2023 година, соопштувајќи дека фокусот бил на детскиот филм.
Овој Конкурс понуди исклучителни проекти. Доминираше македонскиот мнозински филм, со фокус на детскиот филм. Ова ќе придонесе најмладата публика да гледа македонски филмови од рана возраст и да ја почитува националната кинематографија, изјавија од Агенцијата за филм.
Авдили доби 28 милиони денари за „Роден да живее“ во продукција на „Дарданиа филм“, Вујичиќ доби 26 милиони денари за „Снешко“ во продукција на „Дрим фектори“, неговиот втор филм по детскиот „Стела“ (2020). Ристески доби 25 милиони денари за „Не се согласувам“ во продукција на „Фокус покус“, по дебито со „Снежана на крајот умира“ (2021).
Со вкупно 8 милиони денари Агенцијата за филм поддржи три долгометражни играни филмови со македонски малцински удел во кои учествуваат продукциите „Круг филм“, „ДМФ“ и „Минимал колектив“. Станува збор за филмовите „„Бумбаров лет“ на Даниел Кушан, „Јерем“ на Исмет Сиријана и „Пет дена на море“ на Ивана Шкрабало.
Поддржани се и два долгометражни документарци, „Последниот сведок“ на Мерита Сали Чочоли и „Еден друг град“ на Роберт Јанкуловски, а во оваа категорија поддржани се уште два филма со македонски малцински удел, на продукциите „КТ филм и медиа“ („Родителство“ и „Пик продукција Прилеп“ („Од 0 до 8“).
Кај краткометражните филмови поддршка добија вкупно 6 играни од кои 4 се на дебитанти, како и вкупно 4 куси документарци од кои 3 на дебитанти. Поддржани се и вкупно два куси анимирани филмови од кои еден е дебитантски, како и еден со македонски малцински удел.
На конкурсот во првиот рок за 2023 на Агенцијата за филм беше поддржан само еден македонски долгометражен проект, „Мајка – Можната приказна за мајка Тереза“ на Теона Митевска со 600.000 евра, а поддршка добија и 8 копродукции со македонско малцинско учество.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.