Во рамките на манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“, пред Македониумот во Крушево, на 1 август 2023 година беше отворена изложбата: „120 години од Илинденското востание – архивска меморија“, со која Државниот архив се приклучува кон одбележувањето на 120-годишнината од илинденската епопеја. Изложбата содржи над 300 архивски документи и фотографии прикажани на 20 изложбени паноа. Документите се дел од архивските фондови што се чуваат во Државниот архив, а се преземени од архивите во Истанбул, Софија и Белград.

Драго ми е што и оваа година Државниот архив е присутен со свои проекти на отворањето на манифестацијата ‘Десет дена Крушевска Република’. Оваа изложба ги прикажува: создавањето на македонската револуционерна организација, церемониите на заколнување на членството, дисциплината и солидарноста на Организацијата, нејзината структура, познатите војводи и револуционери, подготовките за Илинденското востание, текот и клучните вооружени борби со турската војска. На неколку паноа се прикажани и активностите што следувале по востанието, неговите последици и ефекти, како и конзулските известувања и објавите на светските печатени медиуми за него, вели директорот на Државниот архив, д-р Емил Крстески, по повод отворањето на оваа изложба во Крушево.

Огромен број посетители на Крушево ја посетија изложбата при што имаа можност да се сретнат со авторите и да се информираат за историските факти.

Идната недела изложбата ќе биде поставена во НУ Музеј на македонската борба во Скопје, а поради големиот интерес, изложбата ќе биде претставена во повеќе градови во државата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.