Главната програма на 12. Филозофски филмски фестивал започна вчеравечер во Летното кино „Мирно лето“ со музичкиот перформанс на Бранко Фолтин кој покрај познатите „Пијан Славеј“, „Слободната љубов“ и „Парфем“ изведе две нови песни кои публиката имаше прилика за првпат да ги чуе вечерта, во соло, интимно, акустично издание на Бранко, а при крајот на перформансот на сцената се придружија и поетесите Ана Голејшка Џикова и Биљана Стојановска со кои заедно ја изведоа „За нас почнува живот“ на Даниела Панчетовиќ – Драган Ѓаконовски – Шпато како совршена увертира за почетокот на Фестивалот.
Во официјалниот дел пригодно се обрати директорката на Филозофскиот филмски фестивал, Ана Дишлиеска Митова, а свое обраќање имаше и Амбасадорот на Кралството Шпанија, Н.Е. Хосе Луис Лосано Гарсија.
Вечерта ја отвори младиот поет Андреј Медиќ Лазаревски со песната „Ги заборави ли промените во очите“ посветена токму на песната „Парфем“ од Бранко Фолтин.
По официјалното отворање, публиката можеше да ја проследи кусата увертира на професорката од Шпанија, експерт за Унамуно, Алисија Вилар Ескудеро, а потоа и да го погледне филмот „Додека трае војната“ на Алехандро Аменабар за шпанскиот филозоф и писател Мигуел де Унамуно. Вечерта беше заокружена со неформални дискусии за време на коктелот во дворот на Кинотека, a целиот настан беше организиран во соработка со Амбасадата на Кралството Шпанија во Скопје.
Вториот ден од фестивалската агенда во рамките на Главната програма на Филозофскиот филмски фестивал започнува во 12 часот со естетичко-филмолошката презентација на м-р Васил Михајлов на тема „Филмска објектологија (Моќта на невидливото)“, а ќе се одржи на Универзитетот „Еуропа Прима“.
Програмата продолжува попладнето, во 18.30, со проекција на филмот „Заклетвата на Хасан“ (Commitment Hasan, 2021, 147’) како прва проекција од Официјалната селекција на долгометражни филмови.
Кога Хасан ќе ја прими веста дека на неговиот имот наследен од татко му треба да се постави електричен столб, станува загрижен за својата животна иднина… „Заклетвата на Хасан“ е морална приказна која го осуетува лицемерието на семејствата на селските земјоделци и која покажува како гордоста може да надвладее над лицето на понижувањето. Претстоечкиот аџилак на Хасан, всушност е пригода за согледување на грешките од минатото и можност за патување до покајанието, пред сè, преку барањето прошка од сите оние на коишто им згрешил, а особено земањето благослов од човекот пред кого тој чувствува најголема вина – неговиот брат.
Филмот на Капланоглу беше прикажан во селекцијата „Извесен поглед“ на Канскиот филмски фестивал 2021, потоа на фестивалите во Чикаго и Карлови Вари, а добива и Награда за најдобар странски филм во Сао Паоло од филмските критичари.
Вечерта продолжува со Ревијалната програма: Филм-философија и со проекција на корејскиот филм на Хонг Ви-џонг, „Безгласен“, кој ќе биде проследен со излагање на писателката и филмолог м-р Снежана Младеновска Анѓелков која ќе даде свој осврт кон филмот и ќе поттикне дискусија со публиката.
Целата програма и повеќе информации се достапни на philosophicalfilmfestival.mk и на фестивалските социјални мрежи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.