Кина денеска најави итни планови за заштита на руралните заедници од Ковид-19, бидејќи милиони луѓе за првпат по неколку години патуваат за празниците, откако владата ги олесни строгите ограничувања, како што се забраните за патување и затворањето на градовите.

По жестоките протести против политиката на булта стапка на Ковид-19, Кина, како и остатокот од светот, се отвора за да научи да живее со вирусот.

Но, поради драматичниот пресврт во пристапот кон пандемијата, постои загриженост дека Кина не е подготвена за нов бран на коронавирусот и ударот што би можела да го претрпи втората светска економија.

На 15 декември, Кина пријави 2.157 нови симптоматски случаи на Ковид.

Постојат стравувања од масовно ширење со приближувањето на кинеската Лунарна Нова Година на 22 јануари, кога жителите од градовите за празниците ќе отпатуваат во своите родни места и села кои многу помалку биле изложени на вирусот.

Кинеската Национална здравствена комисија одлучи да ја забрза вакцинацијата во руралните области и исто така испраќа повеќе тестови, лекови и респиратори.

Една од најнаселените провинции, Хенан, ги откажа сите празници за здравствените работници до крајот на март, а производителите на лекови беа повикани да обезбедат резерви на лекови за Ковид-19.

Побарувачката за овие лекови е зголемена за 300 отсто во Пекинг во последните денови.

Поради паниката во Кина, луѓето во Хонг Конг, Макао, па дури и Австралија бараат лекови за коронавирус да им ги испратат на своите роднини и пријатели во континентална Кина.

Празниците во Кина ќе бидат „голем тест“ кој ќе покаже до кој степен ќе се шири вирусот и какви бројки ќе има, сметаат експертите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.