Се надевам дека одлуката на американскиот Стејт департмент за ставање на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко на „црната листа“ на САД поради „значителна корупција“, ќе и помогне на Владата на Македонија да продолжи со напорите за борба против корупцијата, изјави американскиот заменик-помошник државен секретар за Западен Балкан, Габриел Ескобар.

Ваквата изјава Ескобар ја даде вчера за Програмата на Гласот на Америка на албански јазик во заедничко гостување координаторот за антикорупција во Стејт департментот, Ричард Нефју, кој нагласи дека одлуката е донесена затоа што „државниот секретар на САД имал веродостојни информации кои сугерираат дека Мерко бил вмешан во голема корупција“.

Според законите, кога државниот секретар ќе дојде до таков заклучок, таквата определба е правно обврзувачка, како што се случи денеска, изјави Нефју.

Според него, ако државниот секретарот има веродостојни информации што укажуваат на вмешаност во значителна корупција тогаш треба да воведе визни ограничувања и затоа што законот „бара да се дејствува кога тие информации се достапни“.

Нефју нагласи дека засега не може да сподели конкретни докази за тоа зошто градоначалникот на Струга е ставен на американската „црна листа“, но потенцира дека според објавените информации се работи за „злоупотреба на средства и мешање во судските постапки“.

Со оглед на природата на одлуките и нивната правна основа, тоа се информациите што можеме да ги објавиме во јавноста за овој случај, изјави Нефју.

Тој истакна дека ваквите одлуки имаат цел да ја покажат поддршката на САД за владеењето на правото и напорите за борба против корупцијата низ целиот свет.

Секогаш кога зборувате за нешто што вклучува визни ограничувања или санкции, секогаш ќе има прашања за нивната ефикасност. Мислам дека во голема мера, сепак, успеавме да покажеме значајни резултати во однос на помагањето на актерите на граѓанското општество и другите институции дека тие не се сами и дека кога се соочуваат со корумпирани актери, имаат поддршка и имаат поддршка од меѓународната заедница, рече Нефју.

Координаторот за антикорупција во Стејт департментот додаде дека САД не прават разлика дали санкциите се однесуваат на поранешен или актуелен функционер.

Повторно, дел од причината зошто ги правиме овие работи е да ги поддржиме актерите од граѓанското општество и оние кои се обидуваат да бараат одговорност од корумпираните актери, рече тој.

Стејт департментот вчера го прогласи градоначалникот на Струга Рамиз Мерко за „персона нон грата“ за влез во САД, поради, како што беше наведено во соопштението, негова вмешаност во значителна корупција.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.