Специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, за Би-Би-Си изјави дека ситуацијата на северот на Косово е последица на недостиг на волја на премиерот Албин Курти да ја слуша меѓународната заедница.

Оваа ескалација делумно е резултат на немањето волја од страна на косовската страна да ја слуша меѓународната заедница. Ова непотребно предизвика тензии. Има и други згради од кои може да се работи. Пандемијата на Ковид-19 нѐ научи дека можеме да работиме и од алтернативни локации“, порачува Ескобар.

Тој додава дека напорите на САД да се координираат со Владата на Косово наишле на отпор.

Курти вети дека градоначалниците на северот ќе имаат само технички овластувања додека не се најде решение услугите на граѓаните да бидат функционални, но тоа се претвори во конфликт меѓу оние кои не сакаа новите градоначалници да стапат на функција и тие кој инсистираа градоначалниците да бидат во тие општини од симболични причини“, вели Ескобар.

Тој нагласува дека САД една недела му даваат сигнали на Курти за деескалација на ситуацијата на северот на Косово и потсетува дека се поставени три јасни барања кои мора да бидат исполнети.

Му дадовме многу сигнали, да ги повлече градоначалниците од општинските згради, да ја отстрани косовската полиција од зградите и потоа итно да влезе во процедура за формирање на Заедницата на српските општини“, подвлекува Ескобар.

Како што е најавено, Ескобар и специјалниот претставник на ЕУ за дијалог, Мирослав Лајчак, во понеделник и вторник ќе престојуваат во Косово и Србија, со цел да се вклучат во деескалација на тензиите на северот на Косово.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.