Денеска почна расправата за ребалансот на Буџетот на пленарна седница која може да трае најмногу до пет дена, а која предизвика жестока расправа во Соранието. Опозицијата обвинува дека ребалансот на буџетот е расипнички, а власта тврди дека е развоен.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека ребалансот предвидува непотребни задолжувања, зголемени непродуктивни трошења и ниски капитални инвестиции.

Бојан Стојановски/Пратеник од ВМРО-ДПМНЕ

Имаме историски најголема инфлација од 14,5 проценти, историски најголем јавен долг експлозија на цени на основни прехранбени производи, троцифрена цена на горива, струја која поскапува шест месеци, најмали плати, најмал раст, а сепак најбогата владина коалиција – изјави Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ.

Првиот финансиер, Фатмир Бесими, пак, уверува дека ребалансот не е неопходен за да се одговори на последиците од глобалните кризи. Вели, повеќе пари ќе има за пензии, плати и субвенции. Тој најави и нови анти-кризни мерки.

Овој ребаланс на буџет ќе ѝ помогне на економијата да се справи со енергетската криза и инфлацијата, но исто така да даде можност за одржлив развој на државата и исто така да даде економска стабилност – вели Бесими.

Пратеничката Жаклина Лазаревска од СДСМ вели дека ребалансот е соодветен, навремен и ќе даде фискален одговор за заздравување на економијата.

Жаклина Лазаревска/Пратеничка од СДСМ

Ова е ребаланс за поддршка на фирмите и граѓаните. Ќе се обезбедат 76 милиони евра за мерки за стандардот на граѓаните и фирмите – изјави Лазаревска.

Владата со новиот ребаланс скрати речиси 100 милиони евра за капитални инвестиции. 76 милиони, за кои говореше Лазаревска, ќе се пренаменат за антикризни мерки. Останатите пари ќе се искористат за зголемување на платите во образованието и повисоки пензии од септември.

Расправата за ребалансот на Буџетот на пленарна седница може да трае најмногу до пет дена.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.