Замрзнувањето на цената на лебот е „популарна“ мерка, но не е добра и треба да се преиспита, смета професорот Драги Димитриевски од Институтот за агроекономика на Факултетот за земјоделски науки и храна.

Професорот за МИА објаснува дека мерката не е добра, зашто во систем на пазарна економија и слободен пазар, контролата на цените е несоодветна и доведува до несакани појави, а, пред се, како што наведува, до недостиг на производот на пазарот или до пораст на т.н. сива економија кога со таквиот производ нелегално се тргува.

Оваа мерка не е добра, а е „популарна“. Популарна е зашто за секого е убаво да слуша за намалена цена и да купува производ по пониска цена. Во случајот со лебот е евидентно дека ограничената цена предизвика реакција на производителите да не го произведуваат и овој тип леб го снема на полиците во продавниците. Контролата на цените честопати дава спротивен ефект од тој кој се сакал да се постигне со мерката. Во случајот со лебот, со мерката се сакало да се постигне подобрување на стандардот на населението, но бидејќи таквиот тип леб го нема, граѓаните се приморани да купуваат други типови леб кои имаат повисоки цени, па дури и повисоки од претходната цена на белиот и полубелиот леб. Затоа, час поскоро е потребно мерката да се преиспита и да се изнајдат други мерки за поддршка и заштита на стандардот на населението, посебно на тие што се под прагот на сиромаштијата, но со мерки од социјалните политики, нагласува професорот.

На прашањето како го оценува потегот на пекарниците да го повлечат лебот од продавниците, Димитриевски истакнува дека тие си имаат свои калкулации кои треба да се анализираат за да се дојде до реалната цена на чинење.

Никој во услови на слободен пазар не произведува доколку не може да обезбеди профитабилно производство, односно тие кои не се конкурентни го напуштаат производството. Но, тоа треба да си го стори пазарот, а не владините одлуки, дополнува професорот.

Според него, тука е изворот на сегашниот проблем.

Таа одлука не ни требаше да се донесе, зашто немаше посериозен ефект на намалување на цените, што се гледа токму кај цената на лебот. И ако се вратиме на почетокот на прашањето за влијанието на Владата во контрола на цените, може да се види дека секоја таква одлука предизвикува друга, најчесто несакана појава, потенцира Димитриевски.

Владата пред три дена ја замрзна цената на белиот и полубелиот леб на 33 денари, на предлог на Министерството за економија со образложение дека производителите на пекарски производи веќе три месеци се корисници на субвенционирана струја, а намалувањето на цените на белиот леб не е на соодветно ниво.

Премиерот Димитар Ковачевски денеска повтори дека мерката е донесена за да се заштитат граѓаните и уште еднаш апелираше дека нема да се дозволи никој да профитира на нивниот грб.

Пекарите, пак, излегоа со став дека од утре ќе почнат да испорачуваат леб по 33 денари само за да им излезат во пресрет на граѓаните, но најавија и поведување правна постапка против одлуката за замзрнување на цената на лебот која, според нив, е неуставна и противзаконска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.