Собранието на Република  Македонија денеска треба да ја одржи 92. седница. На предложениот дневен ред се две точки.

Пратениците треба да ги разгледаат Предлог законот за задолжување на Република Македонија кај Меѓународниот монетарен фонд со Кредитна линија за претпазливост и ликвидност и Предлог законот за задолжување на Република Македонија со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка по Договорот за заем за финансирање на Проектот за градење ефективни, транспарентни и отчетни институции за управување со јавните финансии, двата по скратена постапка.

Со кредитната линија за претпазливост и ликвидност од ММФ за поддршка на државниот Буџет треба да се обезбедат 530 милиони евра. Целта на кредитната линија е да обезбеди ефективна заштита од криза за оние земји членки на ММФ кои имаат здрави економски основи, односно политики.

За Проектот за градење ефективни, транспарентни и отчетни институции за управување со јавните финансии, пак, се планирани 24,9 милиони евра, од кои заем од Светска банка во износ од 20 милиони евра и 4,9 милиони евра грант од ЕУ кој ќе се администрира преку СБ. Проектот ќе се имплементира преку Единица за управување со проектот, која ќе биде формирана во Министерството за финансии.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.