До вечер ќе бидат финализирани мерките за најранливите категории граѓани, најави денеска премиерот Димитар Ковачевски.
Од понеделник ќе имаме мерки кои ќе може да се најават за најранливите категории на граѓани, рече денеска премиерот.
Во однос на компаниите, пак, Ковачевски посочи дека постојано се разговара со стопанските комори и за помош на бизнисот.
Владата секојдневно разговара со стопанските комори како да им се помогне на големите компании кои се на либерализираниот пазар. Се подготвува пакет мерки кој би требало да биде финализиран до крајот на овој месец“, рече премиерот.
Според него, намалувањето на ДДВ-то не е клучно во однос на намалувањето на цената на електричната енергија која се зголеми десет пати во споредба со цените пред војната во Украина туку она што е потребно е максимално зголемување на производството на електрична енергија и ставање во функција на сите производствени капацитети.
Се разговара државата да им помогне на големите потрошувачи кои се на либерализираниот пазар. Разговараме за обезбедување поевтина струја од билатерални извори, со Бугарија, Турција, Грција, Србија. Во моментов се подготвува пакет мерки кој би требало да биде финализиран до крајот на овој месец. Ќе се земат предвид карактеристиките на индустриите и врз основа на таква анализа и на буџетските можности, да обезбедиме финансиска поддршка на компаниите кои се на либерализираниот пазар. Тоа во моментов се работи, ќе биде разговарано со стопанските комори. Прво ќе се излезе пред нив, а потоа и пред јавноста, кажа Ковачевски.
Во однос на енергетските капацитети, тој најави дека во понеделник ќе се пушти еден таков во употреба, но не откри детали.
Во понеделник ќе има пуштање во употреба на уште еден производствен енергетски капацитет. Верувам дека во мојот досегашен мандат од девет – десет месеци ќе имаме скоро еднакво инсталирана моќност на нови производствени капацитети на електрична енергија колку што биле инсталирани во последните 30 години, истакна Ковачевски.
За снабдувањето со природен гас преку компаниите што ги посочи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, тој рече дека министерот за економија Крешник Бектеши е тој што треба да го соопшти исходот.
Бектеши ќе соопшти сам каде бил и какви се резултатите. Тој ќе треба изворно да каже, зашто тој ја водеше нашата делегација. Позитивно е кога ќе стигне понуда и кога таа ќе биде подобра од другите. Јас не можам да интервенирам и да елаборирам понуди од приватни компании ако ги имаа воопшто, кои треба да стигнат во Комисија која независно треба да врши евалуација. Тоа е и етички и законски, рече премиерот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.