За справување со енергетската криза се потрошени околу 170 милиони евра, а со дополнителните 47 милиони евра, кои и беа префрлени на државната ЕСМ, за купување на струја, јаглен, мазут… досега се потрошени вкупно 217 милиони евра. Според експертите за набавка на струја потрошени се многу повеќе пари од Буџетот од тие што се пријавуваат, а проблем е што државата сè уште е енергетски сиромашна и нема резерви на јаглен, мазут и гас.

Проблемите со снабдувањето со струја и парно кулминираа зимава, кога цените на струјата на европските берзи драстично се зголемија, па земјава неколку пати купуваше поскапа струја од таа што ја плаќаат потрошувачите. Според експертите државата загубила многу повеќе со оглед на тоа дека не набавила електрична енергија навреме по многу пониски цени и не ги заштедила тие пари во Буџетот.

Министерот за економија Крешник Бектеши неодамна тврдеше дека од државниот буџет досега не сме потрошиле ни 170 милиони евра за справување со кризата, а државите во регионот дале многу повеќе.

Моментално, нема рестрикции во Македонија, нема ценовни шокови за домаќинствата и за малите потрошувачи. Горд сум на сето она што досега сме го постигнале, а не сме трошеле од Буџетот. Ако се споредиме со Србија, Косово, Албанија, Босна и Херцеговина или со другите држави во соседството, кои потрошиле милијарди само за овие месеци, ние целосно не сме потрошиле ни 170 милиони евра – изјави Бектеши.

Според експертите, досега државата за енергетската криза официјално потрошила 217 милиони евра, а неофицијално многу повеќе. Тука треба да се заемат во предвид и парите кои ќе ги заштедела ако набавела евтина електрична енергија.

Ако Владата и ЕСМ уште во август набавеа електрична енергија по 90 евра за мегават-час, ќе потрошеа 350 милиони евра, ќе ги спасеа од загуби и долгови енергетските компании и немаше да има енергетска криза. Сега, вкупните загуби на енергетските компании се над една милијада евра и дополнително ќе се зголемуваат. Проблемот е што ние немаме резерви на јаглен и мазут кои сега се набавуваат по многу повисока цена и кои можеа да се купат многу порано. Иста е ситуацијата со гас за кој власта во ноември тврдеше дека има доволно, а во февруари испадна дека не е набавен и останавме беа топлинска енергија. Во поранешна Југославија ние имавме резерви на јаглен, мазут, гас за 3-4 години – вели енергетскиот експерт Ѓорѓи Манасков.

Според експертите проблем е што парите се потрошени, а земјава сè уште е енергетски сиромашна и со сите извори на енергија не обезбедува ни половина од потребите.

Стопанската комора за енергетика в петок организира протест пред Владата, а целта е, како што велат јавноста, да види колку е сериозна ситуацијата со енергетската криза и да добијат пореална слика за тоа колкави се трошоците и долговите и колку всушност државата ја чини оваа криза. Меѓу барањата на протестот е и разрешување на економските министри, директори и претседатели на компании и поставување стручни кадри на нивните места.

Целта е да се прифатат решенија кои ги предлагаме, да се реши енергетската криза и да не се создаваат дополнителни долгови. Општините, јавните комунални претпријатија, приватните компании, сите се заглавени во енергетската криза и тонат во долгови – велат од Стопанската комора за енергетика.

Освен граѓаните на протестот ќе излезат и компании кои се револтирани од високите сметки за струја, а од Комората велат дека досега поддршка добиле и од многу јавни претпријатија, општините, Сојузот на стопански комори, здруженија и граѓани.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.