Денеска на протест излегуваат транспортерите кои се незадоволни од долгото чекање на граничните премини. Викендов протестираа лозарите од Неготино со најава за понатамошни протести ако нема решение, а датум и место за протест се очекува и од одгледувачите на овци поради недобиените субвенции.
Протестот на камионџиите е најавен да почне точно напладне пред скопска „Мавровка“ каде што ќе биде сопрен сообраќајот 15 минути, а потоа камионџиите ќе се упатат пред Владата. Целиот протест, според најавите, ќе трае два и пол часа.
Независниот синдикат на професионални возачи на Македонија реагира дека на граничните премини се создаваат киломератски колони поради што се случуваат и штети – било да е тоа поради расипување на некоја стока, или поради непочитување на рокови.
Ние самите професионалните возачи мораме да ги надоместиме штетите, исто и транспортните фирми. Веќе ова е децениски проблем и мора да најдеме решение. Зошто ние да плаќаме за нечие несовесно работење? – вели за „Алфа“ Марјан Стевковски , Претседател на Независен синдикат на професионални возачи.
Како и секоја година, и оваа година има голем судир во интересите на лозарите и винарниците, а во центарот на случувањата е најголемиот откупувач „Тиквеш“. Лозарите обвинуваат за монопол и за ниски откупни цени откако винарската визба го објави ценовникот за откуп за оваа сезона. Според него вранецот ќе се откупува за 16 денари за килограм и смедеревка за 12 денари за килограм. Лозарите велат дека ова се ланските цени, а нивните трошоци се зголемени и винарниците поскапо го продаваат виното, со што тие печалат на нивната мака, па дури и ги буткаат во загуба. Лозарите, според најавите, денеска треба да се сретнат со надлежните од Министерството за земјоделство.
Врие и кај одгледувачите на овци кои најавија протест. Одгледувачите на овци се револтирани бидејќи се уште нема субвенции за 2021 година.
Претседателот на здружението „Агро центар„ Митко Јанков вели дека субвенциите требаше да се исплатат до април, па до 30 јуни, а веќе сме крајот на август. Сточарите се жалат дека сточната храна е многу поскапена. Одгледувачите на овци ги потсетуваат политичарите во Македонија да мислат малку и на овчарството, или да кажат дека сакаат целосно да ја уништат оваа гранка.
Имам само еден апел до сите политичари во Македонија да мислат малку на оваа гранка, овчарството. За време на Југославија, Македониија имаше од 2 до 3 милиони грла на овци, сега имаме само 400.000“- изјави за „Сител“ Амет Скендер, претседател на здружението „Даши“ од Дебар.
Сточарите најавија дека ќе побараат оставка од министерот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.