Владата на денешната седница ја прифати одлуката да се додели државна помош на германската компанија „Next.e.GO Mobile“ која треба да произведува електрични возила во Технолошко-индустриската зона во Тетово.

Од Владата велат дека оваа мултимилионска инвестиција ќе отвори помеѓу 3 и 4 илјади нови работни места.

Ова е за првпат во автомобилската индустрија кај нас да се продуцира целосен автомобил и се разбира за првпат ќе се произведуваат електрични автомобили. Придобивките од оваа инвестиција се многукратни – од отворање на нови работни места, извоз на производи со голема додадена вредност, пренос на знаење и технологии, мапирање на земјава кај странските инвеститори во оваа фела, до договори и дополнителна работа за локални компании, соопштија од Владата.

Next.e.GO Mobile е компанија која произведува електрични автомобили со седиште во Ахен, Германија. Основана е во 2015 година, а две години подоцна на саемот „ЦеБИТ“ во Хановер првпат јавно го презентирале нивниот прототип на електрично возило „e.GO Life“. Компанијата изминативе две години договори инвестиции и во други земји од регионов, најавувајќи отворање фабрики во Грција и Бугарија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.