АД ЕСМ донесе одлука за избор на набавувач на природен гас за месец март 2023г за потребите на топланите Исток, Запад, Енергетика и Скопје Север, како и за други стопански субјекти кои се снабдуваат преку ЕСМ Продажба. Природниот гас за март ќе се набави по цена од 60,10е/MWh, а добавувач ќе биде фирмата Макпетрол, соопштија од АД ЕСМ.

Имено, на јавниот повик кој траеше од 21-24 февруари 2023г и кој беше достапен за сите домашни и странски компании регистрирани за дејноста, се бараше испорака на 1200 MWh до 2380 MWh количини гас дневно. На повикот пристигнаа три понуди.
Конечните финансиски понуди, без ДДВ, изразени во фиксни цени како што се бараше во повикот, беа следните:
1. Макпетрол АД – Скопје понуди крајна фиксна цена од 60,10 е/MWh
2. Balkan Utilities од Р. Бугарија понуди крајна фиксна цена од 67 е/MWh и
3. Actael од Р. Бугарија понуди крајна фиксна цена од 78 е/MWh

-Со оглед на тоа што најниска фиксна цена понуди фирмата Макпетрол, донесена е одлука за избор на Макпетрол за добавувач на природен гас за март.

Ние тоа го поздравуваме и го поддржуваме фактот што Макпетрол одлучи да учествува на повикот, да достави понуда со фиксна цена, и да достави најповолна понуда. Во интерес и на државата е домашна компанија да снабдува со природен гас во толку значајни количини, капиталот да останува тука, и добивката да ја дели со своите вработени и акционери.
ЕСМ Продажба и во овој трет по ред јавен повик ги задржа истите услови кои претходно беа критикувани од одредени медиумски субјекти. Тоа што се смени е токму однесувањето на Макпетрол кој овој пат одлучи да даде понуда која ги исполнува условите на повикот и да не бара менување на условите како што и одговара на оваа компанија, изјави директорот на АД ЕСМ, Васко Ковачевски.

Додаде дека, во јануари и февруари некоректно се тврдеше дека ЕСМ Продажба бара фиксна цена за да фаворизира некоја фирма, односно за да го оневозможи друга фирма да конкурира, и дека тоа нанесувало штета на државата и на граѓаните.

ЕСМ Продажба во изминатите месеци повеќе пати го повикуваше Макпетрол, и јавно и директно, да учествува и да поднесе понуда и на претходните повици. Но, наместо тоа, тоа што се обидуваше да го направи оваа фирма и нејзините медиумски поддржувачи беше да се обидат да ги сменат условите за јавна набавка на една државна компанија за да удоволат на една приватна фирма. Се вршеше невиден и непримерен притисок кој не остана незабележан, и кај најголем дел од јавноста наиде на неодобрување.
Овде сакаме да потенцираме уште еден факт.
Имено, како носител на набавката за природен гас за месец март, сегашниот добавувач ќе обезбеди и гаранција, што е услов во јавниот повик, како што имаше обезбедено гаранција и претходниот добавувач. И бевме напаѓани од неговите медиумски поддржувачи, токму на темата гаранција.
Во изминатите два месеца неоправдано беа прозивани и обвинувани и АД ЕСМ, и највисоките државни и владини претставници за некакви заговори против домашната фирма и фаворизирање странски фирми. Одлуката за месец март најдобро ги демантира сите тие инсинуации.
Се испостави дека не биле пречка законите и подзаконските регулативи, не биле проблем фиксните цени, не биле проблем гаранциите, не биле проблем условите поставени да важат подеднакво за сите. Бидејќи кога некој ќе сака да се однесува пазарно и фер, тоа и го прави.
Ние останавме доследни, го испочитувавме законот и поширокиот интерес, а останува да видиме дали одредени субјекти ќе имаат доблест да се извинат за своето јавно однесување во изминатиот период, за кое беа сведоци сите граѓани.
Како државни институции, професионално е задоволството и сознанието дека реалната либерализација на пазарот од 1 јануари доведе до конкуренција на пазарот со снабдување со природен гас, што очигледно резултира со намалување на цените и ставање крај на плаќањето одредена цена диктирана од постоењето на само една понуда, соопштија од компанијата.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.