Скандалозна е изјавата на министерот за економија Крешник Бектеши со која го правда крадењето на електрична енергија и се релативизира овој криминал. Да кажеш дека во Арачиново се краде само 10% од целата струја која што се краде во Македонија е бесрамно и доколку бевме нормална држава тој веќе ќе се збогуваше со министерската и политичката кариера. Всушност Бектеши признава дека владата толерира неплаќање на струја и криминал, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од паријата велат дека според информациите на медиумите само во Арачиново се „крадело струја“ во износ од над 6 милиони евра годишно, а овие загуби потоа ги плаќаат сите.

Само една трафостаница во Арачиново покажува 96,1 отсто украдена струја, а речиси сите останати имаат над 50%. Владата е должна да одговори каде и колку се краде струја во Македонија и да ги санкционира сите, бидејќи нивниот криминал го плаќаат оние кои што редовно ги подмируваат сметките. Наместо преговори и договарања за очигледна злоупотреба, треба да има пријави, а во исто време и истрага кој дозволувал и толерирал вакво поведение. Ги повикуваме надлежните органи да го испитаат овој случај, а прв кој треба да даде исказ е самиот министер кој треба да ги даде сите информации каде и колку струја се краде во Македонија, штом веќе ги знае. Ова е уште еден доказ дека криминалот на поединци и функционери од власта се причината поради која народот плаќа поскапа струја. Поради криминалот и корупцијата Македонија е земја во која некои се богатат на грбот на огромното мнозинство граѓани кои осиромашуваат. Власта е генераторот на кризи и криминал во Македонија и за тоа мора да понесат одговорност, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.