Во Владата не можат да разберат како директори на јавни институции натрупале долг од 40 милиони евра кон ЕВН. Списокот на должници, според министерот Бектеши, јавно ќе биде објавен за граѓаните да имаат увид во тоа кои директори не ги плаќале сметките за струја.
Недомаќинско, неодговорно, непрофитабилното работење нема да се поддржи од страна на централната власт. И тоа ќе биде објавено јавно, транспарентно преку сите механизми што ги имаме на располагање – рече Бектеши.
Владините претставници се на ставот дека одговорност за директорите чии институции можат да останат во мрак мора да има. Но, за какви санкции станува збор, не открија.
Долгот државата ќе мора да го плати, но засега не се знае од каде ќе бидат повлечени парите и кои институции ќе добијат државна помош. Единствено е познато дека Финансии ќе го проверува буџетот, ставка по ставка, за да се види од каде можe да се префрлат пари за да се намали долгот на Клинички и тој да не остане во мрак.
Во делот на обврските, секако дека тие треба да бидат исплатени, заради тоа се и обврски. Обврски кои се направени од тие институции – рече Бектеши.
Освен Клинички и МЖ Транспорт кои во петокот добија предупредување пред исклучување, ЕВН в среда истото ќе го достави и до сите други институции кои не ги плаќале сметките за струја. Меѓу нив има затвори, судови, факултети, студентски домови…
Клинички должи над 7 милиони евра, МЖ Транспорт 6 и пол милиони евра. Оправдувањето на Клинички е дека долгот е направен поради пандемијата од Ковид-19. Железници, пак, почнале да се задолжуваат уште во 2018 година поради, како што велат, тешката финансиска состојба во која се наоѓа Друштвото и целокупната негова состојба како загубар.
Управниот одбор на компанијата и Владата во моментот преговараат за да најдат начин за исплата на долгот, но од МЖ Транспорт предупредуваат дека последиците од евентуалното исклучување од системот би биле енормни.
Тоа би било штета од енормни размери а секако би се одразило и на стопанството и на патниците бидејќи ние сме Акционерско друштво во државна сопственост на Владата на РМ и со главна дејност од посебен општествен интерес – железнички транспорт на патници и стока и ако ЕВН со правото што го има според правилникот за снабдување ни исклучи електрична енергија, ќе претрпиме огромни финансиски загуби и тоа ќе се одрази на целокупниот технолошки процес на Друштвото – велат од МЖ Транспорт.
Сепак, оттаму уверуваат дека годинава успеале да ги намалат сметките и да направат сериозна заштеда.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.